Инфо

Распишан конкурс за нова Градска болница во општина Аеродром

Конкурсот, кој е отворен до 18 јули годинава, до 13 часот, ќе се спроведува преку електронскиот систем за јавно набавки

среда, 13 јуни 2018

Министерството за здравство распиша конкурс за избор на идеен проект за нова Градска болница на локација во општина Аеродром. Конкурсот ќе се спроведува преку Електронскиот систем за јавни набавки, каде што се објавени целите на проектот и критериумите за избор.

„Со цел да се обезбеди болничка заштита во дефинирана мрежа на општи и специјализирани болници и соодветно да одговори на потребите на жителите на градот Скопје и пошироко, Министерството за здравство смета дека е потребно да се подигнат капацитетите на ’градски болници’ и на тој начин да се намали притисокот врз терциерното здравство во постојниот клинички центар“, се вели во соопштението.

Од Министерството додаваат дека новата Градска болница треба да понуди подобар пристап на населението до потребните здравствени услуги, подобрување на квалитетот и сигурноста на пружените болнички услуги. Новата Градска болница треба да имплементира еден нов модел за пружање амбулантска здравствена заштита и дневна хирургија со неинванзивни постапки, со цел намалување на просечната должина на болнички престој.

Учеството на конкурсот е анонимно, а оценувањето на пристигнатите трудови ќе го врши жири-комисија. Најдобро рангираните учесници ќе добијат парични награди. Конкурсните трудови се доставуваат по пошта или лично, во архивата на Министерството за здравство, најдоцна до 18 јули годинава до 13 часот.
 

Содржината е прочитана 77 пати.