Инфо

Останува на сила забраната за увоз на живина поради птичји грип

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до сите одгледувачи на живина на високо ниво да ги одржуваат биосигурносните мерки на фармите, укажувајжи дека е неминовно рано пријавување и рано откривање на болеста, како и спроведување превентивни мерки

среда, 13 јуни 2018

Агенцијата за храна и ветеринарство потсетува дека на сила остануваат забраните за увоз на жива живина и производи од живина од регионите во соседна Бугарија, каде што на крајот на минатиот месец беше потврден вирусот птичји грип, како и забраните за увоз од неколку европски земји.

„Со цел спречување на евентуална појава и ширење на вирусот на болеста птичји грип во земјава, апелираме до одгледувачите на живина (комерцијалните одгледувачи и домаќинствата) на високо ниво да се одржуваат биосигурносните мерки на фармите. Неминовно е рано пријавување и рано откривање на болеста, но, пред се, спроведување на превентивни мерки како дел од стратегијата за справување за Авијарна инфлуенца“, се вели во соопштението на Агенцијата.

АХВ апелира да се ограничи движењето на домашната живина надвор од живеалиштата, да се спречи контакт со диви птици и да не се врши хранење на живината во дворовите.

„Потребно е да се врши и превентивна дезинфекција на превозните средства за живина и јајца за ведење, да се внимава во јатата да не се внесува живина со непознат здравствен статус, а до ветеринарната друштва да се пријави доколку дојде до промена на здравствената состојба на живината или до зголемена смртност“, се додава во соопштението.

Оттаму апелираат и ловџиите по враќање од лов задолжително да ги мијат рацете, бидејќи дивите птици се главни преносители на болеста, како и да го пријават секое угинување на диви птици.

Забрането е и хранење на живината и другите домашни животни со остатоци од диви птици.
 

Содржината е прочитана 46 пати.