Бизнис вести

Млекара Здравје Радово добитник на престижното признание Superior Taste Award

Производите на македонската млекарница се закитија со пет „Златни ѕвезди“ што им ги додели Меѓународниот институт за вкус и квалитет iTQi од Брисел

среда, 13 јуни 2018

Млекара Здравје Радово е добитник на престижното признание Superior Taste Award, што го доделува Меѓународниот институт за вкус и квалитет – iTQi со седиште во Брисел, водечката светска организација посветена на оценување на вкусот и квалитетот на прехранбените производи и пијалоци. Tри производи на македонската млекарница освоија вкупно пет Golden stars. Со по две „Златни ѕвезди“ се закитија мешаното сирење и млекото со 2,8% млечни масла, а една доби белото мешано сирење.

Специјално избрани судии од 15 најпрестижни европски кулинарски и сомелиерски асоцијации ги оценија производите на Млекара Здравје Радово како исклучително квалитетни, со одличен вкус кој остава силен впечаток кај потрошувачите.

Производите се оценуваа според категоријата во која припаѓаат, потеклото, нивото на квалитет и вкус, диференцијација во однос на конкурентите, а во согласност со стандардите за оцена на Меѓународниот институт за вкус и квалитет – iTQi. Секој тестиран производ се оценува според пет главни сензорни критериуми (прв впечаток, визија, мирис, текстура, вкус по проба).

„Да се добие вакво признание на најпрестижниот кулинарски натпревар во светот е исклучително признание за Млекара Здравје. Тоа е потврда дека и во Македонија можеме да создадеме врвни млечни производи, кои може да бидат конкурентни на светскиот пазар, па дури и повеќе од тоа. Ова е признание за целиот тим на Млекара Здравје, кој несебично и макотрпно, континуирано инвестираше во сите сегменти од своето работење за да го унапреди квалитетот на своите производи“, рече Кристина Камчева Стојческа, управител на Млекара Здравје.
 

Содржината е прочитана 41 пати.