Бизнис вести

Расте прометот на Македонската берза, доминираат домашните инвеститори

Податоците покажуваат дека од почетокот на годината прометот на Берзата пораснал за 3,5 пати, додека МБИ 10 индексот на десетте најдобро котирани компании за 24 проценти. Најдобро работеле банките, а најголема загуба е забележана во индустријата

вторник, 12 јуни 2018

Македонската берза бележи раст на прометот од почетокот на годинава. Додека домашната економија стагнира, дел од компаниите нижат профити. Податоците од Македонската берза покажуваат дека од почетокот на годината прометот на Берзата пораснал за 3,5 пати, додека МБИ 10 индексот на десетте најдобро котирани компании за 24 проценти. Како инвеститори доминираат домашните физички и правни лица - дури 99,4 отсто, додека учеството на странските инвеститори во мај изнесува 0,66 проценти.

Од котираните 101 фирма, 67 оствариле добивка, а 34 работеле со загуба. Најдобро работеле банките, кои оствариле и најголеми профити, а најголема загуба е забележана во индустријата. Падот во градежништвото неминовно се рефлектира и врз работењето на градежните компании кои во првите пет месеци работеле со загуба.

Според податоците на Македонска берза, во првиот квартал годинава најголема добивка имаат Стопанска банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје и Комерцијална банка АД Скопје. Стопанска банка во првите три месеци годинава ја зголемила добивката за 57,05 проценти во однос на истиот период лани, НЛБ Банка за 69,06, а Комерцијална банка, пак, за 2377,78 проценти.

Меѓу 10-те компании со најголема добивка покрај трите банки се и Македонски телеком, Мермерен комбинат, „Алкалоид“, Охридска банка, Цементарница „Усје“, „Макпетрол“ и УНИ банка. Овие 10 компании оствариле нето добивка во износ од над четири милијарди денари.
 

Содржината е прочитана 102 пати.