Бизнис вести

Италијанските компании заинтересирани за учество во инфраструктурнте проекти во Македонија

На Италијанско-македонскиот бизнис форум што го организираше амбасадорот Карло Ромеро учествуваа над 40 домашни и 15 компании од Италија, меѓу кои и групацијата Италијански Државни Железници, како и претставници на трите најголеми италијански здруженија од градежниот и енергетскиот сектор

вторник, 12 јуни 2018

Над 40 компании од земјава и 15 од Италија, меѓу кои и групацијата Италијански Државни Железници, како и претставници на трите најголеми италијански здруженија од градежниот и енергетскиот сектор и на италијанското Министерство за надворешни работи беа дел од Италијанско-македонскиот бизнис форум што го организираше амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромеро. На бизнисмените им беа презентирани инфраструктурните, енергетските и еколошките проекти што македонската Влада планира да ги реализира оваа и во наредните години.

„Ќе имаме градежна офанзива на патна инфраструктура од 800 километри за кои веќе обезбедивме 270 милиони евра. Два од патните правци се експресни и чинат 50 милиони евра. Сега работиме на Коридорот 8. Проекциите за следните 3-4 години се околу 500 милиони евра во патната инфраструктура, во железничката инфраструктура, само Коридорот 8 изнесува 650 милиони евра, дополнително на тоа пругата Кичево-Линд 529 милиони евра“, рече премиерот Зоран Заев повикувајќи ги италијанските компании да учествуваат на тендерите и заедно со македонските да ги реализираат големите проекти.

Притоа Заев ги наброја и енергетските проекти од кои како најважен го истакна тој за изградба на гасификационата мрежа и поврзувањето со гасоводот ТАП.

И градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ги покани Италијанците да учествуваат во проектите на Град Скопје, посочувајќи ги изградбата на мост на Вардар, на тунел, на пречистителна станица на реката Вардар и озеленувањето на градот.

Италијанскиот амбасадор, Карло Ромеро истакна дека македонските компании треба да го искористат искуството на италијанските во реализација на инфраструктурни проекти и да воспостават добра соработка со нив. Потенцирајќи ја поддршката што Италија ѝ ја дава на Македонија на патот кон европската интеграција, Ромеро рече дека ги поддржуваат финансиски одржливите инфраструктурни проекти кои се значајни за поврзувањето на Европа, коридорите 8 и 10.

„Фирмите кои се тука можат да ги изведуваат сите проекти заедно со македонските компании. Италија инвестира 10 милијарди евра во инфраструктурата. Дел од тоа може да биде и во Македонија, зашто таа не смее да остане назад, туку планираме да има првична улога. Градиме инфраструктура во 90 земји во светот на пет континенти“, рече Винченцо Ерколе, координатор на одделението за промоција во странство на секторот инфраструктури, при Министерство за надворешни работи на Италија.

 

Содржината е прочитана 67 пати.