Инфо

Прагот за регистрација на земјоделците се намалува од 1,3 на еден милион денари

Поврат на персонален данок ќе се врши за остварени приходи од земјоделска дејност до еден милион денари, а услов е земјоделците да немаат остварено други приходи во текот на годината и да немаат даночен долг кон УЈП

понеделник, 11 јуни 2018

Се намалува прагот за регистрација на земјоделците од сегашните 1.300.001 денар на еден милион денари, а поврат на персонален данок ќе се врши за остварени приходи од земјоделска дејност до еден милион денари. Услов е земјоделците да немаат остварено други приходи во текот на годината и да немаат даночен долг кон Управата за јавни приходи.

Вакви даночни олеснувања за земјоделците најавија денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, со кои се очекува да останат повеќе пари кај оваа категорија граѓани.

Притоа беше појаснето дека повратот на платениот данок ќе го врши УЈП по истекот на годината во која е направен приходот.

„Заради понатамошно поедноставување на постапката за поврат на данок за остварени приходи од земјоделска дејност до еден милион денари, предвидена е измена и во Законот за даночна постапка со која Управата за јавни приходи ќе може да го изврши повратот на овие средства по службена должност, а тоа подразбира дека овие граѓани ќе немаат обврска да доаѓаат во Управата и да поднесуваат барање за поврат, што само по себе одзема време и предизвикува трошоци на земјоделците и на органот кој треба да води постапка по нивното поднесување“, појасни Лукаревска.
 

Содржината е прочитана 55 пати.