Инфо

Град Скопје ќе постави 30 нови полначи на струја каде полнењето на електроавтомобилите ќе биде бесплатно

„На среднорочен план се предвидени 10 милиони евра поддршка за сите оние кои ќе сакаат да употребуваат електричен автомобил, а еден милион евра за спроведување транспортни стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиките на земјите од ЕУ“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев на форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“

понеделник, 11 јуни 2018

„Споредено со другите поголеми градови во Европа, Скопје има значително помалку електрични автомобили. Иако постојат повеќе поволности за користење електрични автомобили, за жал, се уште сме далеку од европскиот просек“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“ што се одржа во организација на Машинскиот факултет.

Шилегов потенцираше дека Градот Скопје, за да ги стимулира граѓаните да купуваат електрични автомобили дополнително обезбеди бесплатно паркирање на местата означени за полнење на овие автомобили додека се полнат, како и дека наскоро ќе бидат поставени 30 нови полначи, каде полнењето на автомобилите на почетокот ќе биде бесплатно.

„Електромобилноста не подразбира само користење електрични автомобили, туку и електричен јавен превоз. Низ Скопје овие месеци вози електричен автобус направен според поледните технолошки трендови во оваа индустрија, кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови кои го загадуваат воздухот“, рече Шилегов, притоа потсетувајќи дека возниот парк на Градот, освен електричен автомобил, вбројува и електрични скутери и велосипеди кои градската администрација редовно ги користи.

„Во Македонија има само 80 електрични возила, од кои 47 се во Скопје. Не може да ја имате сликата како ќе се развива светот и во кој правец ќе оди, ако ја немате комплетната слика за енергетиката. Македонија е мал дел од тој свет и Македонија има само еден избор, а тоа е да ги следи трендовите и да ги преслика во сопственото секојдневно живеење“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Тој претстави дел од целите за електрификацијата на транспортот кои се опфатени во стратегијата, како поддршка за обновување на постојниот возен парк на стари автомобили со стимулации од Владата.

„На среднорочен план се предвидени 10 милиони евра поддршка за сите оние кои ќе сакаат да употребуваат електричен автомобил, еден милион евра за спроведување транспортни стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиките на земјите од ЕУ, за промоција на електричните возила и подобрувања на регионалниот јавен транспорт предвидено е 100 000 евра, финансиска поддршка за набавка на хибридни и електрични возила во патниот јавен транспорт во вредност од 5 милиони евра, како и промена на стандардите за транспортна инфраструктура во однос на климатските промени. Во следните неколку години се предвидени 16 милиони евра од државниот буџет за електромобилност“, рече Анѓушев.

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули истакна дека Владата работи на план за постепено воведување еколошки возила, а предизвик на локалната самоуправа се зелените паркинзи за полнење на електричните возила, бесплатни патарини на автопатот и подготовка на автопатот за оние што минуваат низ нашата земја со електрично возило.

„Електромобилноста носи и други придобивки, ова е концепт што носи инвестиции и генерира нови зелени работни позиции, ги стимулира обновливите извори и има здравствен ефект. Но, за ова да се направи, мора да се има интегративен пристап. Не е доволно само учество на Владата, министерствата и на локалната самоуправа, потребни се и другите чинители, науката, медиумите, бизнис секторот, граѓанските здруженија и на крај, потребна е промена на навиките, без тоа нема да дојдеме до конечното решение“, потенцираше Макрадули.

 

Содржината е прочитана 39 пати.