Инфо

Македонија почна да ја подготвува новата, втора Програма за економски реформи 2019-2021

На конференцијата што се одржа по повод стартот на изработката на Програмата, министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека се работи на подобрување на деловната клима и на постепена фискална консолидација

понеделник, 11 јуни 2018

Македонија почнува со подготовка на новата, втора Програма за економски реформи 2019-2021 година, што ја подготвува државата со цел забрзување на патот кон ЕУ. На конференцијата „Програма за економски реформи - клучен елемент за фундаменталниот пристап и економското управување во процесот на Европскиот семестар“, што се одржа по повод започнување на изработка на Програмата, министерот за финансии, Драган Тевдовски најави реформи за подобрување на деловното окружување и постепена фискална консолидација.

„Овој документ е дел од претпристапниот процес на земјата во ЕУ и е во насока на подобрување на перформансите на македонската економија и нејзина подотовка за европскиот пазар. Содржи конкретни мерки, со буџет за нивно имплементирање и конкретни рокови за нивно спроведување“, рече Тевдвовски, најавувајќи реформи во насока на прецизирање на надлежностите на инспекторатите.

Тој потенцираше дека до крајот на оваа година ќе биде донесен нов закон за буџети, кој предвидува среднорочно буџетирање и воведување фискален совет. Министерот појасни дека се работи на постепена фискална консолидација преку мерки и на приходната и на расходната страна и најави мерки за подобро таргетирање на социјалните придонеси и субвенции.

Тевдовски рече дека претходната година Македонија имала најдобро остварување во реформите од сите останати земји претенденти за членство во ЕУ.

„За првпат имаме јасна и кредибилна стратегија за реформи во јавните финансии, подготвена заедно со ЕУ. Таа содржи акционен план за подобрување на сите поважни елементи на системот на јавни финансии во следните три години. Значително е подобрена транспарентноста. Денес граѓаните имаат увид во тоа како се трошат државните пари, се објавуваат граѓански буџети, како и низа извештаи за извршување на буџетот, кои порано не беа достапни на јавноста. Јавно се достапни и договорите за јавни набавки на институциите, а со новиот закон ќе бидат достапни и сите понуди доставени на тендерите“, рече Тевдовски.

Тој е оптимист дека ќе се интензивира растот на економијата. Вели дека и индикаторите покажуваат дека во индустријата и во земјоделството има раздвижување, дека извозот е силен, а, како што рече, се прави притисок и во градежништвото и тоа, пред се, во нискоградбата, поточно на главниот проблем автопатот Кичево - Охрид каде набрзо треба да бидат интензивирани работите

И амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар истакна дека Македонија имала најдобро остварување во спроведувањето на реформите минатата година во однос на сите други земји, како и дека го подобрила сопствениот резултат во однос на претходните години.

„Достигнат е видлив прогрес во управувањето со јавните финансии. Земјата започна со имплементирање на реформската програма која ја усвои, а и драстично е подобрена фискалната транспарентност. Народната банка во континуитет спроведува стабилна монетарна политика, одржувајќи го нивото на денарот и ценовната стабилност. Владата го лимитираше носењето на закони по скратена постапка. Исто така, сега сите министри се обврзани да ги објавуваат законите на ЕНЕР за јавна консултација“, рече Жбогар.

Програмата за економски реформи е сеопфатен документ за економското управување, кој земјите аспиранти за членство се обврзани да го поднесуваат до Европската комисија секоја година. Програмата 2019-2021 треба да се достави до Европската комисија до 31 јануари 2019 година.
 

Содржината е прочитана 49 пати.