Инфо

Сугарески: „Активностите на патната мрежа во втората половина од годинава ќе го зголемат бруто домашниот производ“

Министерот за транспорт и врски тврди дека капиталните инфраструктурни проекти ќе покажат видливи резултати во третиот и четвртиот квартал од оваа година

петок, 08 јуни 2018

Резултатите од активностите во сферата на градежништвото ќе бидат видливи во третиот и четвртиот квартал од годинава. Градежните работи и други капитални проекти на патната мрежа ќе придонесат за раст на градежништвото, со што позитивно ќе влијаат врз растот на бруто домашниот производ, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој изврши увид на градежните работи на иаградбата на државниот пат Гостивар-Кичево.

„Ова го тврдам со сигурност, бидејќи од март годинава отпочна силна градежна офанзива на целата територија на државата. Се градат патишта, пруги и други капитални проекти. Резултатите ќе бидат видливи во следниот квартал, кога и очекувам зголемени бројки кои ќе покажат и сериозен раст на градежништвото“, истакна Сугарески.

Како потврда министерот ги потенцираше активностите околу реконструкцијата и рехабилитацијата на патот Гостивар-Кичево, до селото Колари, за што се инвестирани 6,2 милиони евра. Поголемиот дел од планираните активности на овој патен правец со должина од 28,3 километри се завршени.

„Патниот правец Гостивар-Колари е од огромна важност за жителите во западна Македонија, бидејќи е единствена патна врска што ги поврзува сите населени места од Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Гостивар и Тетово. Патот беше во многу лоша состојба и затоа беше потребна негова реконструкција. Очекувам годинава да отпочне и реконструкцијата на патот од Колари до Кичево, за што се предвидени 1,4 милиони евра. Нашата цел е изградба на функционална патна инфраструктура на Коридор 8, што ќе овозможи брз и безбеден превоз на стока и патници“, рече директорот на Јаввното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Новиот пат од Гостивар до Кичево, кој ќе се работи во три фази е во фаза на проектирање. Во тек е проектирањето на делот од Кичево до Букојчани, а интензивно се работи и на автопатот Кичево Охрид.
Насокоро треба да почнат и подготовките за проширување на автопатот Гостивар-Тетово за уште една лента, а со средства во висина од 14 милиони евра обезбедени од Светска банка се работи на реконструкција на 12 локални и регионални патишта во вкупна должина од 150 километри.

 

Содржината е прочитана 44 пати.