Бизнис вести

Влада ќе формира министерска група за отворените прашања на текстилците

Владата и текстилниот кластер заеднички ќе бараат решенија за проблемите на работодавачите во текстилната индустрија, кои, пак, предупредија дека над 5.000 текстилни работници можат да останат без работа

петок, 08 јуни 2018

Владата ќе формира министерска група која заедно со текстилниот кластер ќе ги разгледа отворените прашања на текстилците. Во владиното соопштение се вели дека Владата целосно ја разбира сензитивноста во текстилниот кластер и, како и до сега, ќе продолжи да им помага на работодавачите да ја поддржат спиралата на покачувањето на платите и дека е уверена дека ќе се дојде до решение.

„Владата и до сега покажа дека е подготвена да излегува во пресрет на барањата на работниците и работодавачите во текстилната индустрија, преку покачувањето на минималната плата и преку овозможувањето на активните мерки за директна помош и поддршка за компаниите, со цел да се обезбедат повисоки плати. Една од тие мерки е и проектот за поддршка на порастот на платите во трудоинтензивните дејности, во износ од 30 проценти од порастот за оние работодавачи кои ги покачиле платите до 18.000 денари“ се вели во соопштението од Владата.

Вчера од текстилниот кластер предупредија дека над 5.000 луѓе можат да останат без работа, откако Уставниот суд го укина нормираниот учинок од Законот за минимална плата. Работодавачите во оваа гранка бараат допрецизирање на одредбата, а не нејзино целосно укинување, како и државата да им плаќа половина од придонесите, бидејќи, како што рекоа, се претвориле во социјални компании и земаат кредити за да исплатат плати на работниците.

Според претседателката на текстилниот кластер, Марјана Перковска, 80 отсто од вкупните приходи на текстилните компании одат за плати, па оттаму минималната плата е неодржлива во секој поглед што се однесува до продуктивноста, техничката подготвеност и конкурентноста.

Претседателот на организацијата на работавачи, Ангел Димитров, пак, вели дека производството на текстил во периодот од јануари до април годинава е намалено за 4 проценти во споредба со истиот период лани, додека производството на кожа за 6,3 отсто. Според него, овој тренд на намалување на производството се случува поради намалување на бројот на работници.

Во текстилната индустрија работат околу 65.000 работници, што претставува 20 проценти од вкупниот број вработени. Минатата недела министерката затруд и социјална политика, Мила Царовска ги одби барњата на работодавачите од текстилната индустрија за поголеми бенефиции, бидејќи,, како што рече, недозволиво е да се бара 50 отсто од придонесите за вработените да бидат на товар на државата, со оглед на тоа што работодавачите ја исплаќаат минималната плата и без да ги користат веќе одобрените субвенции.
 

Содржината е прочитана 108 пати.