Интервјуа

Во Македонија, во партнерство со Бугарија може да се слеат и до две милијарди евра европски пари за мали и средни претпријатија

Интервју со Златко Еделински, генерален менаџер на „Контим“ Агроконсалтинг, кој како член на Бугарско-Македонскиот Бизнис Клуб присуствува на Втората балканска конференција на мали и средни бизниси во Софија

четврток, 07 јуни 2018

МАРИЛИ: Вие сте дел од Втората балканска конференција на мали и среди бизниси, што деновиве се одржува во Софија. Кажете ни нешто повеќе за што станува збор и која е целта на одржувањето на една ваква конференција?
ЕДЕЛИНСКИ:
Да, како член на Бугарско-Македонскиот Бизнис-Клуб ќе имам чест да присуствувам на овој настан кој е во организација на Обединетите бизнис-клубови (ОБК) од Бугарија, која воедно е членка на Европската асоцијација на мали бизниси. Истиот ќе биде поддржан од Агенцијата за промоција на мали и средни бизниси на Бугарија (BSMEPA), Бугарската Агенција за инвестиции (IBA) во соработка со Бугарското Претседателство во Советот на ЕУ. Официјални гости се очекуваат да бидат и претставници од Европскиот парламент, Европската комисија, амбасадори, како и членови на локални и на европски бизнис организации и стопански комори. Учесниците ќе имаат можност да имаат средби со повеќе од 350 претставници на средните и малите бизниси од Бугарија, Романија, Турција, Грција, Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Италија, Австрија и Украина. 

МАРИЛИ: Конференцијата претставува извонредна можност за создавање контакти, средби, вмрежување на бизнисите, размена на искуства. Каков е интересот кај македонските бизнисмени за учество на еден ваков настан?
ЕДЕЛИНСКИ:
Зависно од интересот ќе се организираат Б2Б средби со компании од различни сектори и тоа земјоделство, прехранбена индустрија, туризам, транспорт, текстил, информативна технологија, машинство, хемиска индустрија и други. Поканети се македонски компании токму од сите споменати сектори и искрено се надевам на нивно присуство во задоволителен број, што, всушност, е резултат на многу подобрената средина за бизнис релации помеѓу Македонија и Бугарија. Како резултат на неодамна потпишаниот договор за соработка со Бугарско-македонскиот бизнис-клуб, се нагласува дека Европската унија става на располагање големи пари за развој на малите претпријатија, но до нив главно се доаѓа во партнерство меѓу две или три земји.
Многу од европските програми што се управуваат директно од Европската комисија одобруваат пари ако има партнерство меѓу земји што се членки на Европската унија со оние што не се членки, односно, очекуваат вклучување. Ние сме доста отворени за европските фондови. Македонија уште пред да влезе во ЕУ може да привлече доста солиден капитал, за да може и нашата економија да се исправи. Во Македонија, во партнерство со Бугарија, може да се слеат од една до две милијарди евра. За почеток, многу средства би дошле од Програмата „Хоризонт 2020“, каде што има еден специјален инструмент за мали и средни претпријатија. Од овој фонд малите претпријатија би можеле да повлечат и до 2,5 милиони евра.

МАРИЛИ: Вие сте специјалист за воспоставување пазарни врски, но и консултант при подготовка на бизнис планови и инвестициски проекти од агробизнисот за искористување на ИПАРД претпристапните европски фондови. Неколку години бевте дел и од Меѓународниот фонд за развој на земјоделието IFAD. Според Вашето искуство, дали домашните агробизнисмени се доволно информирани и колкава е искористеноста на овие фондови?
ЕДЕЛИНСКИ:
Можам слободно да кажам како „ ветеран“ присутен и активен од самиот почеток на процесот на икористување на финансиските средства од ЕУ ИПАРД програмата дека истата се уште во одредени сегменти од агробизнисот е непознаница. Таа неинформираност значително влијае на слабата искористеност генерално на Европските фондови што и е потенцирано години наназад во забелешките на извештаите на ЕУ. Официјални информации и резултати за искористеност на ИПАРД средствата во изминативе 10 години нема, но, процентот на искористеност е незадоволувачки и многу низок во споредба со искуствата на искористување од страна на земјите од Балканот. Ова ќе резултира со значително неискористување и од страна на капацитетите, со што ќе се придонесе кон ниската профитабилност, неконкурентност, а преработувачката (прехранбената) индустрија, која најмногу може да ги искористи средствата, ќе ја направи нерентабилна. 

МАРИЛИ: На кое ниво е агробизнисот во Македонија денеска, дали и колку ги задоволува европските стандарди почнувајќи од самото производство, квалитетот, па се до пакувањето и пласманот?
ЕДЕЛИНСКИ:
Земјоделството во Македонија (вклучително лов, шумарство и рибарство) е третиот најголем сектор по услугите и индустријата, а земјоделските производи претставуваат околу 15 до 17 проценти од вкупниот извоз. Постоењето на мали и многу фрагментирани фарми, дури и со производствени нивоа со среден интензитет, не овозможува поинтензивна модернизација и механизација што резултира со помала конкурентност. Несредениот и неорганизиран пазар, како и неконкурентноста на домашните земјоделски производи се причина за растечкиот увоз на земјоделски и прехранбени производи. Инвестициите се недоволни, модернизацијата минимална, а пребирливиот европски пазар бара високи стандарди, безбедност и квалитет.
Во последните години, покрај повеќекратното зголемување на субвенциите во земјоделството не дојде до соодветно зголемување на земјоделското производство, како во квантитет, уште помалку во квалитет, што на крајот резултираше со зголемени количини земјоделски производи во трговскиот биланс на државата од увоз, а можеме самите да ги произведуваме. Се уште нашите основни земјоделски производи ја напуштаат државата како примарна сировина, за потоа да се вратат назад во форма на супи, кечапи, сокови, вино, мармалади... Нискиот индустриски перформанс негативно се одразува на целиот прехранбен синџир и општо на земјоделството.
Од друга страна, индустријата во моментов е ориентирана кон домашниот пазар. Идните перспективи на индивидуалните преработувачки компании во голема мера зависат од исполнувањето на ЕУ барањата како предуслов за иден пристап до главните извозни пазари, како и соочување на конкуренцијата на домашниот пазар. Само некои поголеми претпријатија можат да извезуваат во други земји, а во многу ограничен број се оние кои се овластени да извезуваат во ЕУ, бидејќи ги исполнуваат бараните станарди.

МАРИЛИ: Долго време бевте дел од процесот на колење јагниња и извоз на свежо јагнешко месо. Се зборуваше дури дека без Златко не тргнува извозот на македонското јагне. Сепак, тоа беше пред 15-20 години. Направете споредба со денешната состојба, дали Македонија има стратегија за развој на секторот овчарство и може ли да ни кажете, според Вас, каква е иднината на македонската месна индустрија воопшто?
ЕДЕЛИНСКИ:
Главна насока во подобрување на конкурентноста во оваа гранка мора да биде и замената на техничко-технолошкиот процес, односно, застареноста на производните и инфраструктурни капацитети. Во тој поглед мора да се искористи можноста што се нуди со средставата од ИПАРД, со цел креирање на додадена вредност при воведување висок степен на финализација на производите. Овде посебно мора да се даде фокус на прехранбената индустрија, односно на производството и преработката на месо.
Секторот за јагнешко месо се развива по надолна линија, а е единствен сектор во македонската месна индустрија кој е инволвиран во извозни активности. Вредноста на извезеното јагнешко месо е 9 отсто од целокупниот извоз на земјоделски производи. Сепак, се јавува како најслабо организиран сектор од сите останати месни индустрии. Во моментот само 5 капацитети имаат лиценца за извоз и дозвола за извоз во земјите на ЕУ. Капацитетите се стари и сите имаат капацитет за колење на јагнињата. Во некои од кланиците може да се колат свињи и други животни. Условите во кланиците варираат. Дел од сопствениците имаат направено нови инвестиции, се со цел да ги подобрат капацитетите во правец на подобрување на инфраструктурата и задоволување на стандардите за хигиена согласно директивите на ЕУ. Сериозен проблем и пречка за извозот на јагнешкото месо во иднина ќе претставуваат кланиците, бидејки во нивното тековно инвестиционо оддржување досега се вложувало многу малку.
ИПАРД треба да даде значителна подршка во оваа област. Поради тоа, предлог мерките од ИПАРД програмата имаат за цел да ги унапредат техничко-технолошките стандарди и ветеринарно-санитарните услови во погоните за преработка, со што би се исполниле минималните стандарди на ЕУ поврзани со хигиената, добрата благосостојба на животните и еколошките услови. Затоа, од исклучителна важност е да се стимулира инвестирањето во одржливи и профитабилни кланици кои, пак, имаат потенцијал за унапредување на своите капацитети. Потребна е рационализација во секторот на кланиците, особено во однос на преголемите капацитети за време на сезоната на јагнешкото месо, како и реновирање и унапредување на кланиците за да ги исполнат високите ЕУ барања.
Поради сезонскиот карактер на побарувачката за извоз на јагнешко месо, кланиците се соочуваат со недоволно искористен капацитет. Создавање на капацитети за преработка со поголема искористеност и воедно кои би ги исполнувале стандардите на ЕУ, вклучува развој на нови капацитети и инвестиции во опрема за преработка на јагнешко месо и се препорачува на оваа стратегија за развој на индустријата за преработка на јагнешко месо да и се посвети особено внимание. Затоа се препорачува да се поддржи и развојот на нови производи од јагнешко месо со зголемена вредност, бидејки продажбата на свежото јагнешко месо во труп има многу мала додадена вредност. Неколку преработувачи на јагнешко месо веќе имаат планови да се развиваат во насока на преработка на јагнешкото и пакување на одредени делови или производство на производи од јагнешко, кои ќе бидат комерцијализирани на домашниот и странскиот пазар. 

МАРИЛИ: Пред три години Македонија конечно, доби Национално здружение на сомелиери „SOMMELIER“ кое работи по програма на една од најважните и најголеми сомелиерски асоцијации во светот, италијанската AIS. Вие сте негов претседател. Беше отворен и тренинг центар за обука на сомелиери „Шато Камник Тренинг Центар“. Кажете ни нешто повеќе околу тоа, како Вие се најдовте и во овие води и каде се наоѓа македонското сомелиерство во однос на тоа во земјите од опкружувањето?
ЕДЕЛИНСКИ:
Како креатор и координатор на Програмата „Вински советник“ што се реализира во „Шато Камник Тренинг Центар“, можам да кажам дека сомелиерството во Македонија кое е на незавидно ниво, конечно ќе добие промотер за побрз развој. Програмата е наменета за сите учесници во различните сегменти на винскиот сектор во Македонија и е наменета за оспособување на професионалци кои ќе се стекнат со познавања од сите области на винарството, почнувајќи од витикултурата и тероарот, преку процесот на производство, маркетингот, винските комуникации и ХОРЕКА секторот, вклучувајки го и винскиот туризам. Вака конципираната програма е прва во државата која ги обединува сите области во винскиот сектор, како една од најважните земјоделско-стопански гранки ориентирани кон извоз.
Програмата се базира на искуствата на водечките вински земји, како што се Франција и Шпанија и има за цел подигање на винската култура како основен предуслов за остварување на потенцијалите за поголемо производство на квалитетно вино, подобар пласман и извоз на македонското вино, а со тоа и директно влијание на подобрување на конкурентноста на македонската економија. Главната цел на програмата е спроведување на квалитетен процес на винска едукација со кој ќе се обезбеди сеопфатно познавање, стекнување со вештини, применување на соодветното знаење наменето за претприемачки професионалци кои ќе го поттикнат градењето и развојот на капацитетите во винскиот сектор и ќе генерираат поголема вработеност.
Во реализацијата на обуката се вклучени релевантни локални експерти во улога на обучувачи за спроведување на теоретскиот и практичниот дел од обуката, со помош на корисни алатки и материјали и со примена на методологијата и наставните техники за образованието на возрасни. Досега „Шато Камник Тренинг Центар“ овозможи едукација на 57 ви КА сегментот од секторот туризам.

МАРИЛИ: Имате ли уште некоја потесна специјалност во рамките на Вашиот бизнис за која можете да проговорите?
ЕДЕЛИНСКИ:
Да, во секојдневните работни активности ја застапувам холандско-бугарската компанија „QUARTZLINE“, која нуди индустриски подови и декоративни наслаги кои сe на база на епоксидни смоли, акрилни полимери, полиуретанови смоли и битумени. Компанијата нуди решенија за секаков вид на објекти од типот на хали, магацини и погони за производство и чување на разни видови производи како што се: погони за прозводство на пецива и кондиторија, млеко и месопреработувачки капацитети (кланици), погони за алкохолни и безалкохолни пијалоци, погони од конзервната индустрија за зеленчук и овошје, фармацевтски и болнички простории, подземни паркинзи, хотели, административни простории, како и за простории за домашни потреби. Сите производи и услуги се со висок квалитет согласно потребите и барањата на ЕУ регулатива за употреба и исполнување на ИСО стандардите, хигиената и оддржувањето на НАССР системот.

МАРИЛИ: Кој е Златко Еделински приватно, со што го исполнувате Вашето слободно време?
ЕДЕЛИНСКИ:
Искрено, поради се почестите патувања во земјата и регионот, немам премногу слободно време, но, сепак, она што ми преостанува го искористувам максимално за домашни активности, пред се, во готвење и комбинирање на храната со вина по мој вкус, како и за редовно следење на спортски активности...

 


 

Содржината е прочитана 352 пати.