Бизнис вести

Бизнис-ангелите се можност за влез на свеж капитал во компаниите

Во услови кога тешко се стига до поволни кредити за бизнисите во почетен развој, бизнис-ангелите имаат значајна улога во процесот на развој на компаниите, бидејќи освен капитал нудат и експертиза, а за возврат добиваат удел во бизнисот

четврток, 07 јуни 2018

Малите и средните претпријатија во Македонија се соочуваат со недостиг од вообичаените форми за финансирање, поради што бизнис заедницата предлага да се разгледа правната регулатива за влез на ангел-инвеститори, со што компаниите би ги реализирале своите проекти, би се овозможило нивно зајакнување, а со тоа би се зајакнало и домашното стопанство. Ова беше потенцирано на денешниот форум „Потенцијал на регулатива за ангел инвеститори“.

Во услови кога тешко се стига до поволни кредити за бизнисите во почетен развој, бизнис-ангелите имаат значајна улога во процесот на развој на компаниите, бидејќи освен капитал нудат и експертиза, а за возврат добиваат удел во бизнисот.

Како што појасни претседателот на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска, станува збор за алтернативен начин на финансирање со кој, по примерот на конкурентните економии се дава можност за брзо јакнење на домашното стопанство.

„Она што ние во стопанството го чувствуваме е летаргична состојба по основ на инвестициите. Не се работи само за тоа дека компаниите немаат средства да ги инвестираат, туку дека и оние малку средства што ги имаат, не се подготвени да ги вложат, особено кога се работи за добра идеја која бара повеќе средства. И комерцијалните банки не нудат финансиски средства за проекти без покритие. Затоа сметаме дека овој начин на финансирање е можност за влез на големи средства по основ на капитал во нашиите национални компании, со цел нивно брзо растење и овозможување да го реализираат она што не се во можност да го спроведат со средствата со кои располагаат“, рече Арсовска.

Од Владата сметаат дека за влез на вакви инвестиции не е проблем висината на даноците, но дека дебатите се неопходни за да се види во кој дел може да се промени законската регулатива за да се овозможи влез на ваков капитал.

„Она што досега го имаме осознаено околу самата висина на даноците на која се жалат бизнис инвеститорите во некои држави, не е примарен проблем, но од европската и од светската асоцијација доаѓаат барања за одредено законско регулирање. Тоа не е можно да се направи преку ноќ и затоа се потребни расправи да се види до каде и во кој дел може да се измени оваа регулатива“, рече министерот за подобрување на инвестициската клима, Зоран Шапуриќ.

Ангел-инвеститорите се застапени во Хрватска, САД, Турција, Португалија. Тоа се луѓе кои вложуваат во компаниите максимум до еден милион евра во период од една до осум години.

 

Содржината е прочитана 66 пати.