Инфо

Стопанската комора ја повика Владата да биде поактивна во реализацијата на инфраструктурните проекти

Бранко Азески ја потенцираше очајната состојба на македонскиот дел од Коридорот 8, пат изграден пред 50 години, без железничко поврзување, со гас кој влегува кај Жидилово, што не се користи и е најскап во регионот. Поради сето тоа трпи бизнисот

четврток, 07 јуни 2018

„Од ова место го почнуваме нашето лобирање кај Владата 100- отстотно да ги реализира инфраструктурните проекти. Тука влегуваат експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, кој се финансира од Светка банка и Крива Паланка–Деве баир, кој го финансира ЕБОР. Бизнисот трпи голема штета од лошата инвестициона политика во инфраструктурата. Има само еден пат кој е во очајна состојба, нема пруга, има инсталација за гас, еве овде има и мерна станица, но не е искористена. Затоа излеговме овде, во Жидилово и врз основа на сознанијата почнуваме интезивно лобирање Владата да ги реализира зацртаните проекти“, рече првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој заедно со потпретседателите и членовите на Управниот одбор на Комората оствари работна посета на главната мерна станица на гасоводот на „ГА-МА“ на влезната точка кај селото Жидилово, Кривопаланечко.

Повикувајќи ја Владата да биде поактивна во реализацијата на инфраструктурните проекти кои се од значење за развојот на индустријата и извозот и претставуваат главни приоритети на бизнисот, Азески истакна дека Македонија е најлошиот дел од 950 километри долгиот Коридор 8, кој минува низ четири држави, од кои низ Македонија 316 километри.

„Ова е значаен Коридор, но ние имаме еден пат изграден пред 50 години, немаме железничко поврзување, имаме гас кој влегува од ова место – Жидилово, што не го користиме и е најскап во регионот. Сето тоа влијае на бизнисот и на неговата конкурентност. Ако сакаме раст на економијата од 3 до 5 отсто Владата мора да ги реализира ветените инфраструктурни проекти“, рече Азески, потенцирајќи дека иако се знае дека се поребни најмалку три години за да се реализира нешто што го бара бизнисот, сепак, стопанствениците очекуваат оваа Влада да ги исполни нивните барања уште во првиот мандат.

Македонија има сериозна трговска размена од 1,2 милиони долари и стокова размена од 22,1 отсто со земјите кои ги поврзува Коридорот 8, Турција, Албанија и Бугарија.

Системот за пренос на природен гас во Македонија е дел од рускиот транзитен гасовод кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Магистралниот гасовод влегува во Македонија кај Деве Баир, на границата со Бугарија и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, во должина од 98,197 километри.
 

Содржината е прочитана 33 пати.