Култура

Скопје го доби првиот музеј на илузии „Илузиум“

Во Музејот има повеќе од 30 содржини - соба со огледала каде посетителите се мултиплицираат, соба за гравитација, превртени соби и соби со опозитни архитектури, соба во која навидум се пропаѓа во дупка или се налетува на воз и многу други

четврток, 07 јуни 2018

Скопје го доби првиот македонски музеј на илузии „Илузиум“. Објектот е на три ката и со површина од околу 550 квадратни метри и се наоѓа на улица „Максим Горки“ во центарот на градот. Со него Скопје се позиционира на музејската мапа во регионот како град со најголем музеј од ваков тип.

Во „Илузиум“ има повеќе од 30 содржини - соба со огледала каде посетителите се мултиплицираат, соба за гравитација, превртени соби и соби со опозитни архитектури, соба во која навидум се пропаѓа во дупка или се налетува на воз и многу други.

Дополнително, Музејот има и галериски простор кој може да се изнајми за роденденски забави, а содржи и кафе бар, како и продавница за сувенири.

„Музејот ќе понуди рекреација преку илузионистичкиот простор кој ќе ја промени реалноста што ја доживувате. Посебноста и оригиналноста на нашиот Музеј на излузии во однос на оние во регионот е во тоа што тој нуди колаж од повеќе музејски содржини и активности“, рече Билјана Илиќ, менаџер за односи со јавност на Музејот.

Музејот има ангажирано и водичи кои можат да ги водат посетителите низ поставката и да им ги објаснат содржините. Остварена е и соработка со магионичари и пантомимичари кои ќе ги водат експерименталните делови на роденденските забави.

„Градот Скопје беше жеден за ваков тип на туристичка понуда. Податоците покажуваат дека некои од музеите во Скопје достигнаа број од 200 илјади посетители во последните неколку години, а интересот постојано се зголемува. Со Музејот на илузии, Скопје ќе биде уште попрепознатлив на Балканот и во Европа“, изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција на туризмот.

Музејот „Илузиум“ ќе работи секој ден. Работното време ќе биде од 8 до 20 часот од понеделник до петок, а викенди од 9 до 20 часот. Влезницата чини 300 денари, за дете до 12 години 200 денари, а постои можност и за групни и за семејни влезници.

 

Содржината е прочитана 72 пати.