Инфо

Град Скопје ги исцрпи средствата за субвенции за купување велосипед

Вториот дел од јавниот повик, што се однесува за субвенции за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност се уште е во тек, бидејќи овие средства не се исцрпени

среда, 06 јуни 2018

Градот Скопје ги информира граѓаните дека целосно се исцрпени средствата предвидени за субвенции за купување велосипед. До крајот на вчераниот ден се пристигнати 3.131 барање, што значи дека е исполнет условот за завршување на овој дел од јавниот повик, па сите барања што ќе пристигнуваат понатаму нема да бидат примени. За оваа намена во Буџетот на Град Скопје за 2018 година беа предвидени 9 милиони денари.

Со Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Скопје за купување велосипеди за 2018 годинa, граѓаните имаа можност да купат нов велосипед, а Градот Скопје да ги субвенционира во износ од 50 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Од Градот информираат дека вториот дел од јавниот повик, што се однесува за субвенции за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност се уште е во тек, бидејќи овие средства не се исцрпени. За оваа намена од градскиот буџет се предвидени еден милион денари и овој дел од повикот ќе биде активен се до исцрпување на средствата, или до крајот на рокот на важење, а тоа е 31 август 2018 година. Во овој случај Град Скопје ќе субвенционира 50 отсто од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
 

Содржината е прочитана 30 пати.