Инфо

Анѓушев: „Ја вративме економијата во реални рамки“

Вицепремиерот за економски прашања соопшти дека во првиот квартал сите економски показатели се позитивни, освен оние во нискоградбата

среда, 06 јуни 2018

Првиот квартал од 2018 година, во споредба со истиот период лани бележи пораст во сите економски сфери, освен во градежништвото-нискоградба, информира денеска на прес-конференција вицепрмиерот Кочо Анѓушев.

Тој ги презентираше анализите од информациите на државните институции и стопанските комори, според кои, во првиот квартал од годинава во споредба со првиот квартал во 2017 се очекува раст на земјоделството за околу седум отсто, на преработувачката индустрија за шест проценти, на услужните дејности за 10 отсто, како и на градежништвото, во високоградба.

Анѓушев посебно изрази задоволство од растот на извозот кој, како што напомена, е 14,3 проценти повисок во евра, или дури 31 отсто во долари.

Зголемување, за пет отсто, бележи и додадената вредност, односно паричните средства кои се во оптек.

Според вицепремиерот, вкупните приходи во буџетот во првиот квартал од годинава бележат раст од 4,6 отсто , даноците пораснале за 7,2 отсто, а придонесите за шест проценти.

„Овие бројки јасно говорат за економската активност. Владата успеа да ја врати економијата во реалните рамки“, рече Анѓушев.

Во врска со нискоградбата каде Владата очекува единствен пад, се оценува дека намалувањето ќе достигне 35 до 40 отсто, што се должи на намалената активност на некои од компаниите како „Синохидро“ и „Трансмет“.

На прес-конференцијата присуствуваа и министрите, за финансии Драган Тевдовски, за земјоделство Љупчо Николовски и за транспорт и врски Горан Сугарески.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 34 пати.