Бизнис вести

Ангеловска-Бежоска: „Растот на цената на нафтата е очекуван, нема да предизвика инфлаторни промени“

Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафтата, НБРМ за оваа година проектира двопроцентна инфлација

среда, 06 јуни 2018

Скокот на цената на светската нафта е очекуван за Централната банка и не би требало да има инфлаторни промени предизвикани од тоа, рече гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања во Охрид каде се одржува 11. Конференција за плаќања и пазарна инфраструктура „Време е за дигитализација“.

„За нас како Централна банка растот на цената на нафтата е очекуван. Во фазата на макроекономските проекции ние ги следиме сите тековни движења, очекувањата на аналитичарите, така што, цената не е за изненадување, уште повеќе што по неколку години пад, цената на нафтата минатата година покажа нагорен тренд“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Соред неа, нафтата е само една од компонентите што влегуваат во инфлацискиот индекс, која нема директен значаен ефект и самите промени на нејзината цена не би требало да предизвикаат позначајни инфлаторни притисоци. Сепак, како што потенцираше гувернерот, многу ќе зависи од тоа колку притисоците од тој ценовен ефект кај нафтата ќе се пренесат на останатите производи, па оттаму евентуално да се види некој секундарен ефект.

„Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафтата, нашата проекција, како Централна банка за оваа година е двопроцентна инфлација, што е во линија и со нашата поставена цел за одржување ниска и стабилна инфлација“, рече Ангеловска-Бежоска.
 

Содржината е прочитана 40 пати.