Интервјуа

Интервју со госпоѓа Ленче Нелоска, генерален менаџер на ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ – Скопје

Иако сѐ уште сме релативно традиционална средина, свеста се менува, семејствата сфаќаат дека сепак нивниот близок, најдобрата грижа ќе ја добие во нашата установа, од обучен и стручен кадар.

МАРИЛИ: Д-р Нелоска, директор сте на Јавната здравствена установа геронтолошки завод, која е разликата на оваа установа со старски дом?
НЕЛОСКА:
Jaвната здравствена установа геронтолошки завод „13 Ноември“ – Скопје по многу нешта е уникатна. Од мал дом за стари лица формиран пред 57 години, со капацитет од триесетина кревети, денес е специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, со капацитет од 340 болнички кревети и 110 кревети во старскиот дом „Мајка Тереза“. Во моментов ние сме единствена јавна здравствена установа за долготраен престој во земјава. Во нашата установа се хоспитализираат пациенти кои имаат потреба од 24-часовна медицинска грижа, пациенти со тешки и иреверзибилни нарушувања на здравјето, тоа се пациенти кои се целосно звисни од туѓа грижа, во сите аспекти од живеењето. Тие не се во можност самостојно да ги извршуваат и наједноставните секојдневни активности во смисла на исхрана, физиолошки потреби, секојдневна потреба од чести здравствени интервенции и медикаменти и сл. Старски дом е социјална форма на згрижување на возрасни лица, каде е колективно организирано, сместување, исхрана и лична хигиена на корисниците. Тоа се условно речено здрави лица, кои самостојно ги извршуваат секојдневните активности, а евентуално присутна болест не го нарушува значително квалитетот на живот на лицето.

Во нашата установа се вработени 30 доктори, од кои 4 се општи доктори, 5 се на специјализација, а останатите се специјалисти по интерна медицина, невропсихијатрија, психијатрија, дерматовенерологија, физикална медицина и рехабилитација и клиничка биохемија. Имаме 80 медицински сестри, 5 социјални работници и еден клинички психолог. Тоа е суштината на разликата меѓу нашата установа и старски дом, кадровската екипираност и видот на услуги кои се даваат на нашите пациенти. Интересно е тоа што нашата установа е комбинација на дом за стари лица, геријатриска болница и хоспис за палијативна грижа, модел кој многу ретко се сретнува во европските земји каде е вообичаено тоа се посебни установи. Ваков модел како нашиов постои во приватни, а не во јавни установи во САД. Во нашата установа имаме неколку оддели: Геријатрија, Одделот за палијатива и Оддел за социјална форма на згрижување.

МАРИЛИ: Колкав е интересот и потребите на граѓаните за услугите на Геријатрискиот завод?
НЕЛОСКА:
Демографијата во Македонија е немилосрдна, односно, нашето население сѐ повеќе старее. Потребата од ваков вид установи сѐ повеќе ќе расне. Современиот начин на живот и работа, промената на традиционалниот начин на живеење и функционирање на семејството во Македонија е едвидентна. Заради тоа, скоро е невозможно, едно просечно македонско семејство да се грижи за тешко болен. Иако сѐ уште сме релативно традиционална средина, свеста се менува, семејствата сфаќаат дека сепак нивниот близок, најдобрата грижа ќе ја добие во нашата установа, од обучен и стручен кадар. Бидејќи сме единствена јавна здравствена установа од овој вид, притисокот за сместување на пациенти е од целата земја. Затоа постои листа на чекање. Меѓутоа, погрешна е претставата дека сите пациенти долго чекаат за хоспитализација во нашата установа. Ние всушност имаме шест, а не една листа на чекање и тоа – листа за пациенти со хронично прогресивни и трауматски болести, листа на пациенти со деменција и листа на пациенти со малигна болест. Трите листи имаат посебна листа за мажи и за жени. Значи не е една, туку 6 листи на чекање. Пациентите со хронично прогресивни и трауматски болести реално не чекаат долго време, а пациентите со малигна болест воопшто не чекаат туку се најавуваат, а ние ги очекуваме. Долго е времето на чекање кај пациентите со деменција, и тоа може да биде и по неколку месеци, а се должи на лимитираниот капацитет на установата.

МАРИЛИ: 

Какви активности спроведувате за подобрување на животот на пациентите кои престојуваат кај вас и какви реновирања се направени за подобрување на условите?
НЕЛОСКА:
Зградата на одделот Геријатрија е изградена во 1980 година. Кога дојдов на местото директор на установата, во 2007 година, најдов еден солидно изграден, но руиниран објект. Собите за пациентите беа главно со пет или шест кревети, руинирани купатила, оштетена инфраструктура, нефункционална столарија и лоша хигиена воопшто. За сметка на запуштање на една солидна градба, релативно новиот објект на хосписот „Сју Рајдер“ имаше многу подобри услови за пациентите, што е причина за погрешната перцепција за установата во јавноста. Односно, дека станува збор за посебни установи – Геријатрија со лоши услови и лоша нега и „Сју Рајдер“ со добри услови и добра нега. Тоа е погрешна претстава за установата, која претходно намерно се промовирала, со што биле оштетени пациентите, мислејќи дека „Сју Рајдер“ е скапа приватна болница. Медицинската грижа во сите оддели на установата е еднаква, различна е само патологијата, т.е.болестите на пациентите кои се згрижуваат. Денес, одделот Геријатрија е целосно реновиран и реконстриуиран. Реновирана е и централната кујна во која дневно се подготвуваат 1000 оброци, централниот магацински простор како и гардероби за вработените. Владата на Република Македонија инвестираше 1.000.000 евра за реновирање на над 4.000 м2. Сега можеме да се пофалиме со навистина висок стандард на сместување на овие пациенти што е многу битно, бидејќи пациентите не остануваат кај нас два – три дена туку понекогаш со месеци, а некои и години, условите во кои престојуваат се од големо значење.


МАРИЛИ: Дали капацитетот ги задоволува потребите на граѓаните и дали државата има план да изгради или пренамени уште некоја институција? НЕЛОСКА: Бројот на кревети би можел малку да се зголеми, но ни недостасува медицински кадар. Од друга страна во програмата на Владата е планирано да се отворат 10 палијативни центри во повеќе градови во државата каде со помалку средства би се создале вакви дисперзирани центри. Во тој случај и пациентите би биле поблиску до своите семејства, а кадарот би го обучиле ние. Во план е исто така да се отвори центар за пациенти со Алцхајмерова болест во Штип.

МАРИЛИ: Кои сѐ услуги и поволности ги имаат пациентите кои престојуваат кај вас?
НЕЛОСКА:
Цената на месечно ниво е приближно околу 15.000 денари, што не е малку, но не е ни многу за негата и грижата што ја добиваат 24 часа. Ние правиме договор со секој пациент или со најбликите членови на семејството, кои за нас условно имаат улога на старатели. Во случаите кога пациентот нема доволно пари, семејството доплаќа. Ако семејството не е во можност да доплати, се подготвуваат документи за меѓуопштински центар за социјални работи со цел пациентот да добие пари за нега, која му следува заради неговата здравствена состојба и најчесто пензијата со негата се доволни, но ако и тогаш недостасуваат, а нема кој да доплати тогаш Министерството за труд и социјална политика, носи решенија и ги покрива трошоците.

МАРИЛИ: Какви се размислувањата на семејствата коишто ги згрижуваат своите блиски во овој завод, постојат ли заблуди за ваквиот вид на грижа за старите изнемоштени лица и треба ли општеството повеќе да едуцира на оваа тема?
НЕЛОСКА:
Колку порано се донесат пациентите кај нас, толку е поголема можноста да се стори нешто за нив. Да се опорават или осамостојат во некоја мерка, за да може да се вратат дома. Најлошо е кога ќе се донесе пациентот многу доцна, во многу лоша здравствена состојба. Тогаш и не може нешто многу да се стори. Потребна е едукација на јавноста, дека сместување на пациент во установа за долготраен престој, не значи дека семејството се откажало од својот близок, туку му ја овозможило најдобрата можна грижа. Се дава шанса да се подобри квалитетот на животот како на пациентот така и на семејството.

МАРИЛИ: Како жена, сигурно обврските на професионален и приватен план се големи, Вие сте доктор, но и член на повеќе здруженија од општествено значење, како успевате сето ова да го координирате? Колку слободно време имате и како го минувате?
НЕЛОСКА:
Голем е предизвикот да се биде директор на една голема здравствена установа. Се натпреварувате сам со себе. Можностите треба да се претворат во реалност. Тоа е причина за растот и развојот на установата со која раководам. Затекнав установа која функционираше само како стационар, односно само за пациентите кои се сместени во неа. Во 2008 г. прво ја реновирав интензивната нега, во 2009 година Одделот за физикална терапија и ги отворивме специјалистичко консултативните кабинети. Истата година од министерот за здравство, бевме прогласени за болница на годината за самоинвестиции. Со овие активности болницата се отвори за целата популација, односно за пациенти над 14-годишна возраст можат да добијат специјалистички преглед во нашата установа. Со тоа се овозможи нашите доктори да работат не само со хоспитализираните пациенти, туку и со пациенти од градот, па и од целата земја.
Декубитите беа најголемиот предизвик со кој се соочив кога дојдов во установата. Тоа беше повод за истражување, анализа и изнаоѓање на решенија за оваа тешка проблематика. Така, во 2011 година го отворивме и првиот Центар за декубити во Македонија, со што пациентите со оваа патологија, за првпат добија можност за третман по европски стандарди. Единствени сме во регионов со имплементирани стандарди за третман на декубити според Европскиот советодавен панел за декубити (EPUAP - European Pressure Ulcer Advisory Panel). Од таа причина бев избрана за член на Бордот на директори на ЕПУАП во 2012 година. А во 2013 го одбранив мојот магистерски труд, кој е прв во земјава на тема декубити.
Како доктор, член сум на Лекарската комора на Македонија, со право да бирам и да бидам бирана. Благодарна сум на колегите за укажаната доверба, и се надевам дека и понатаму лично ќе придонесувам за подобрување на положбата и благосостојбата на докторите во Македонија, во услови на динамични реформи на здравствениот систем, како кај нас така и во светот. Кога се сака сѐ се може, иако главно мојата енергија е насочена како да им се олесни животот на нашите пациенти. Секако, сето ова не може да се постигне доколку немате добри соработници кои ги поддржуваат вашите идеи.
Моето многу лимитирано слободно време во моментов го посветувам на моите докторски студии и секако на пријателите и семејството.
 

Содржината е прочитана 1703 пати.