Инфо

Продолжен рокот за приватизација на државното земјиште

Со најновите измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, рокот за поднесување барање за приватизација на земјиштето се пролонгира за дополнителни три години, што значи барања може да се поднесуваат до 31.12.2021 година

вторник, 05 јуни 2018

Граѓаните повторно ќе можат да поднесуваат барања за приватизација на земјиште во државна сопственост. Со најновите измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, рокот за поднесување барање за приватизација на земјиштето се пролонгира за дополнителни три години, што значи барања може да се поднесуваат до 31.12.2021 година.

Првичниот рок истече на 15 декември 2014 година и во овој период пристигнале многу реакции од граѓани кои не успеале да го запазат рокот и да поднесат барање за приватизација од различни причини.

Од Министерството за финансии информираат дека се пролонгираат и примените на одредбите за закуп, односно се одложува утврдувањето на кирија за оние кои нема да го приватизираат земјиштето.

Освен рокот за приватизација на земјиштето, се пролонгира и рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост. Новиот рок за ова барање сега е 31 декември 2022 година. Исто така, се продолжува и рокот за поднесување барање за промена на барателот на приватизација на градежно земјиште. Тоа значи дека ако, на пример, ако едно лице купи објект кој се наоѓа на земјиште кое е во постапка на приватизација, со измените на Законот наместо 30 ќе има 60 дена за да поднесе барање за промена на барател за приватизација. Од Министерството соопштуваат дека досегашната примена на Законот покажала дека рокот од 30 дена е прекраток, па со измените се излегува во пресрет на граѓаните.

 

Содржината е прочитана 223 пати.