Инфо

Топлата зима ќе ги намали сметките за парно

Повисоките просечни надворешни температури во текот на минатата зима ја намалија испораката на топлинска енергија во централниот систем за топлинска енергија во Скопје, па дури 62 отсто од граѓаните ќе добијат пониски или еднакви порамнителни сметки со авансните

понеделник, 04 јуни 2018

Релативно потоплата зима ќе ги намали сметките за парно што допрва треба да им пристигнат на скопјани. Дури 62 отсто од граѓаните кои се греат на парно, ќе добијат пониски или еднакви порамнителни сметки со авансните, покажуваат податоците на БЕГ – Снабдување со топлина.

„Иако изминатата грејната сезона траеше шест дена подолго од вообичаеното, сепак, повисоките просечни надворешни температури во текот на минатата зима ја намалија испораката на топлинска енергија во централниот систем за топлинска енергија во Скопје. Помалата количина на испорачана топлинска енегија до потрошувачите од прогнозираната, ќе биде нивелирана во сметките за месеците мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување помеѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија“, информираат од БЕГ.

Оттаму појаснуваат дека висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од неколку работи, како што се карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и измерената количина на испорачана топлинска енергија до самиот објект.

Потрошувачите, во текот на целата година, во своите сметки добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле, како и за износот на разликата меѓу потрошената и прогнозираната топлинска енергија. Ако при порамнувањето се утврди дека е потрошено топлинска енергија повеќе отколку што е авансно пресметана, тогаш разликата се распределува на три еднакви рати и соодветно се фактурира во сметките за мај, јуни и јули. Ако, пак, авансно е платено повеќе отколку што е утврдено при мерењето на потрошената топлинска енергија, тогаш разликата ќе биде вратена на потрошувачот.

 

Содржината е прочитана 32 пати.