Инфо

Пристигнати 2.860 барања за субвенции за велосипед, Градот има пари за уште 300

Град Скопје субвенционира 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50 отсто од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход

понеделник, 04 јуни 2018

Вкупно 2.860 барања за субвенции за купување велосипед се поднесени до денеска на јавниот повик што го објави Град Скопје на 21 април годинава. Тоа, како што велат од Градот говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците. Оттаму потенцираат дека за оваа намена во градскиот буџет на Град Скопје преостануваат средства за уште околу 300 барања. Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Градот субвенционира средства во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50 отсто од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на Град Скопје за 2018 година се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони денари се предвидени за субвенции за велосипеди, додека еден милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.

Целиот јавен повик граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска – www.skopje.gov.mk/uploads/јавен повик за велосипеди.

Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.

 

Содржината е прочитана 71 пати.