Интервјуа

Ликовите од книгите за деца може да бидат животна инспирација за младите луѓе

Интервју со Сала Симука, писателка од Финска, која на неодамна одржаниот Саем на книгата во Скопје ја промовираше својата трилогија „Снежана“ наменета за младата читателска публика

недела, 03 јуни 2018

Познатата финска писателка Сала Симука, која на Саемот на книгата што во мај се одржа во Скопје ја промовираше својата трилогија „Снежана“ на македонски јазик, даде ексклузивно интервју за порталот на Агенција „Марили“.
„Марили“ го следеше присуството на Симука на Саемот на книгата, каде што таа лично го изрази своето задоволство од соработката со Лидија Трипуноска, генерален менаџер на агенција „Марили“, од соработката со издавачката куќа„Бата прес“, како и од престојот во Македонија.

Трилогијата „Снежана“ се состои од бестселерите за млади „Црвена како крв“, „Бела како снег“ и „Црна како абонос“.


МАРИЛИ: Како ја доживеавте Вашата промоција на Саемот на книгата во Скопје и кои се впечатоците од Македонија што ги понесовте со Вас?
СИМУКА:
Извонредно поминав на Саемот на книгата и сретнав многу неверојатни читатели. Навистина сум среќна поради сè и почувствував дека младите читатели во Македонија со раширени раце ја дочекаа мојата трилогија.
Исто така, многу ми се допаднаа Скопје и Македонија. Луѓето се топли и љубезни и со нив лесно се зборува. Дефинитивно ќе се вратам 

еден ден!

МАРИЛИ:. Какви прашања добивте од младата читателска публика во Македонија и дали се тие поразлични од оние што ги добивате во Финска и во други земји?
СИМУКА:
Младите луѓе сакаа да знаат како пишувам и што ме инспирира и дали имам некои други книги што се слични на трилогијата „Снежана“. Прашањата од младите читатели се многу слични насекаде. Тоа само покажува дека ние, човечките битија, сме навистина исти во секоја држава.

 

МАРИЛИ: Сметате ли дека оваа млада, интернет генерација знае да сонува и да ужива во современите бајки?
СИМУКА:
Во тоа сум сигурна. Луѓето сонувале и уживале во приказните и бајките илјадници години. Ништо нема да го смени тоа.


МАРИЛИ: Колку младата личност, според Вас, е под влијание на ликовите од книгите и дали тие може да бидат нејзина животна инспирација или патоказ?
СИМУКА:
Мислам дека книгите што навистина ги сакаме како деца или тинејџери имаат големо влијание врз нас. Тие имаат поголемо влијание од книгите што ги сакаме како возрасни. Сметам дека сум научила многу од моите омилени книги во детството. Значи да: тие навистина може да бидат голема инспирација или патоказ. 

МАРИЛИ: Колку трилогијата „Снежана“ Ве направи популарна и дали продолжувате да пишувате само за младите?
СИМУКА:
Таа ме направи донекаде популарна, мислам. Тоа тешко може да го кажете за себеси, па и јас дури не знам дали јас може да го кажам тоа. Други луѓе може да одлучат дали сум популарна или не. Јас ќе продолжам да пишувам книги што ме интересираат. Сè уште не знам дали тие ќе бидат за млади читатели.

МАРИЛИ: Која е Сала Симука приватно? Колку Вие во детството се соживувавте со ликовите од книгите и колку на Вас влијаеше приказната за Снежана?
СИМУКА:
Приватно, Сала Симука е многу приватна личност. Сакам да го чувам личниот живот за себе. Како дете уживав многу да читам и со добра книга се чувствував не дека читам, туку дека вистински ги доживувам настаните од книгите.
„Снежана“ не беше важна бајка за мене како дете. Моите фаворити беа „Малата Сирена“ и „Снежната кралица“. За „Снежана“ се заинтересирав кога почнав да ја пишувам трилогијата.

МАРИЛИ: Каде ја црпите енергијата за пишување, со што уште се занимавате и дали имате некое хоби?
СИМУКА
: Сакам долги прошетки, џогинг, пливање, слушање музика, гледање филмови и серии, сакам да го минувам времето со моите пријатели. Исто така, уживам и во самотијата и од таму ја црпам енергијата да работам и други работи.

 

Содржината е прочитана 130 пати.