Инфо

Наместо Скопски саем – Ист гејт со 1.600 станови, пет канцелариски згради и голем трговски центар

Проектот што ќе го реализира групацијата „Балфин“ е вреден 350 милиони евра, а ќе обезбеди над 2.000 работни места. Треба да биде реализиран во период од пет до седум години

петок, 01 јуни 2018

Групацијата „Балфин“ го презентираше проектот „Ист гејт“ што ќе се реализира на просторот на поранешниот Скопски саем. На површина од 152.000 квадратни метри планирано е да се изградат станбен комплекс со 1.600 станови, пет канцелариски згради со вкупна површина за изнајмување од 67.000 квадратни метри, како и трговски центар, кој со нето површина за изнајмување од 51.000 квадрати и паркинг за над 2.000 автомобили се најавува како најголем во регионот на Македонија, Косово и Јужна Србија.

„Исте гејт“ ќе „тежи“ 350 милиони евра, а ќе обезбеди над 2.000 работни места. Проектот уште содржи и паркови, рекреативни содржини, два амфитеатри и 25.000 квадрати зелена површина. Целиот проект се планира да се комплетира во период од пет до седум години.

„Ова ново мало чудо што вечерва го нудите преку екраните, а во пракса ќе биде здание што ќе го краси главниот град на Македонија, убеден сум дека уште еднаш ќе ја потврди вашата деловна креативност, ќе помогне во економскиот раст на Македонија, ќе отвори нови работни места и секако, ќе биде нешто кое што ќе биде наше, заедничко“, рече премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на промоцијата на проектот.

Во оваа фаза се размислува „Ист гејт“ да биде првата населба во Скопје чии што станови ќе бидат приклучени на природен гас.

Објектите од таканаречениот канцелариски парк од „А“ класа ќе бидат сместени во непосредна близина на булеварот „Александар Македонски“, што на идните закупци ќе им обезбеди уникатна видливост.

„’Балфин’ е компанија чиј бизнис е фокусиран не само на создавање економски, туку и на општествени вредности на пазарите на кои што работи. Искрено сакаме да го подобруваме животот на заедницата и нејзиниот развој, да ја заштитиме животната средина и да го збогатиме културниот и обрзовниот процес. ’Ист гејт’ ќе се придржува до сите овие вредности и затоа веруваме дека проектот ќе биде инспиративен не само за нас, туку и за Скопје, за Македонија, но и пошироко“, рече претседателот на „Балфин“, Самир Мане.

Проектот „Ист гејт“ е дело на едно од најголемите архитектонски студија во Турција, „Yazgan Design Architecture Inc“. кое има освоено многу меѓународни награди како LEAF, European и International Property Awards за проекти како што се „Hamamyolu Urban Deck – Eskisehir“, „YDA Center Ankara“ и „Volkswagen Arena Istanbul“.
 

Содржината е прочитана 209 пати.