Бизнис вести

Елизабета Мирчевска од Атлантик Група е најдобар менаџер за човечки ресурси за 2017 година

Мирчевска ја доби наградата што ја доделува Македонската асоцијација за човечки ресурси поради нејзиниот придонес во развој на оваа област, со воведување иновативни практики за поддршка и мотивација на вработените

петок, 01 јуни 2018

Елизабета Мирчевска, регионален директор за човечки ресурси во Атлантик Група е прогласена за најдобар HR менаџер за 2017 година. Мирчевска ја понесе титулата за 2017 година, поради нејзиниот придонес во развој на оваа област, со воведување иновативни практики за поддршка и мотивација на вработените во компанијата во која работи, а со тоа и во промовирање на важноста на професијата HR во општеството.

Изборот за најдобар HR менаџер, кој го спроведува Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), се прави четврта година по ред со цел да се препознае, признае, промовира и да се награди успехот на најпосветениот професионалец во делот на управување со човечките ресурси. Наградата значи и промовирање и признание на организацијата која е посветена во интегрирање на успешните практики во делот на управувањето со човечките ресурси, како една од носечките алки во делувањето на компанијата.

„Веруваме дека компанијата ја сочинуваат вработените и затоа Атлантик Група посебен акцент става на управувањето со личниот раст и развој на кариерите на вработените, низ разни едукативни програми, од активен развој на лидерски вештини и талент менаџмент програми, до препознавање на млади таленти и развој на секој вработен низ индивидуални развојни програми“, рече Мирчевска по повод добиеното признание.

Наградата на Мирчевска ѝ беше доделена во рамките на 10. јубилејна Меѓународна конференција за човечки ресурси што се одржа вчера во Скопје во организација на МАЧР, а на која седум професионалци и експерти од полето на човечките ресурси дебатираа на тема „From HR to RH– Respect for Humanity” (Од менаџмент со човечки ресурси – до почит кон луѓето). На конференцијата присуствуваа над 300 гости и учесници, а една од клучните препораки која што беше дадена е дека професијата управување со човечки ресурси треба да се користи за подигање на квалитетот на животот на луѓето, особено во професионалниот дел, со воспоставување соодветни стратегии, обезбедување достоинствени услови за работа и еднакви можности за развој и напредок на луѓето.
 

Содржината е прочитана 172 пати.