Инфо

Попис ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година

На терен ќе бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи, а овој пат ќе се користи комбиниран метод, што подразбира покрај користење податоци на терен, плус и податоци од регистри. Се проценува дека оваа операција ќе чини 8,5 милиони евра

петок, 01 јуни 2018

Пописот на населението во Република Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година. На терен ќе бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи, а овој пат ќе се користи комбиниран метод, што подразбира покрај користење податоци на терен, плус и податоци од регистри. Се проценува дека оваа операција ќе чини 8,5 милиони евра.

Ова го изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во интервју за МИА, изразувајќи притоа жалење што беше неуспешен пописот во 2011 година, бидејќи тоа како институција ќе го носат како товар.

„Бидејќи одбележуваме 73 години од постоењето на Државна статистика во РМ, со големо жалење можам да констатирам дека она по што бевме можеби и најпознати во државата – спроведување попис, ние во 2011 година не успеавме да го направиме. Сеедно кои и какви биле причините, овој срам ќе си го носиме уште долго време. Се надевам дека со спроведување на новиот попис ќе успееме да докажеме дека, сепак, сме кадарна институција да направиме едно вакво статистичко истражување и дека најмалку до нас била причината за неспроведување на пописот, иако како институција имаме голема заслуга за тоа што не се спровел. Таа вина мораме да си ја признаеме. Таа вина беше поради тоа што дозволивме или ги отворивме ширум портите за влегување на политиката во пописот. Тоа е нешто што не смееме да си го дозволиме, барем додека сум јас тука и тврдам дека тоа нема да се случи. Може ќе има обиди секакви, меѓутоа ќе истраеме такво нешто да не дозволиме, туку да биде тоа што треба да биде – статистичка операција и ништо повеќе“, вели Симовски за МИА.

Новина покрај комбинираното прибирање на податоците во пописот ќе биде и тоа што нема да се користат хартиени прашалници, туку пописот на терен ќе се спроведува со користење лаптоп. Симовски потенцира дека е важно што на ваков начин за многу пократко време ќе ги добиеме конечните податоци, наместо за тоа да се чека година и пол до две.
 

Содржината е прочитана 58 пати.