Култура

„Аида“ на Верди вечерва ги затвора Мајските оперски вечери

Мајските оперски вечери годинава беа во знакот на одбележувањето 160 години од раѓањето на италијанскиот композитор Џакомо Пучини и се одржаа под мотото „Го славиме Пучини“

четврток, 31 мај 2018

Со „Аида“ на Џузепе Верди вечерва ќе бидат затворени годинешниве Мајски оперски вечери. Во насловната улога на операта, со која традиционално се затвора фестивалот, ќе настапи сопранистката Ана Лукреција Гарсија од Венецуела. Режисер е Дејан Прошев, кореограф Снежана Филиповска, а диригент Бисера Чадловска.

На оперската изведба ќе претходи ретроспектива на достигнувања во оперската уметност на примадоната Данка Фирфова, по повод 100 години од нејзиното раѓање. Фирфова е една од најмаркантните личности во музичката историја на Македонија, која припаѓа во редот на првите македонски драмски сопрани.

Инаку, Мајските оперски вечери годинава беа во знакот на одбележувањето 160 години од раѓањето на италијанскиот композитор Џакомо Пучини и се одржаа под мотото „Го славиме Пучини“. Фестивалот почна на 9 мај со неговата опера „Боеми“, а беа изведени и „Тоска“ и „Турандот“.
 

Содржината е прочитана 55 пати.