Инфо

Нема гаранции за ниска цена на струјата

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев кој присуствуваше на работилница за Техничката поддршка на Република Македонија институционална поставеност на организираниот „ден однапред“ пазар за електрична енергија ги појаснуваше поволностите што новиот Закон за енергетика ги нуди како на граѓаните, така и на компаниите

среда, 30 мај 2018

Нема гаранции дека цената на струјата ќе биде пониска во иднина, но има гаранции дека со новиот Закон таа ќе биде поповолна за граѓаните во однос на она што го нудеше претходниот Закон. А, тоа се овозможува со воведување на механизмот на уноверзален снабдувач.

Ова денеска го рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на завршната работилница за Техничката поддршка на Република Македонија институционална поставеност на организираниот „ден однапред“ пазар за електрична енергија.

Анѓушев појасни дека универзалниот снабдувач ќе се избира на тендер, додека Регулаторната комисија веќе нема да ги признава непродуктивните трошоци на компаниите. Тие, пак, ќе мораат своите трошоци да ги вклучат на некаква маргина над набавената електрична енергија, за да бидат конкурентни.

Вицепремиерот рече дека универзалниот снабдувач гарантира заштита на граѓаните и тоа на тој начин што во првите години од имплементацијата 80 отсто од струјата што ќе ја произведе ЕЛЕМ ќе оди до граѓаните преку универзалниот снабдувач. Во наредните години континуирано ќе паѓа процентот на домашно произведената струја што ќе оди кај домаќинствата.

„Голем бенефит ќе има и за домашните компании и за сите кои сакаат да бидат на слободниот пазар, бидејќи средните компании денес плаќаат 140 до 150 евра по мегават час, а нивната конкуренција од Европа плаќа 50 до 60 евра мегават часови. Во моментов во Македонија има над 50 компании лиценцирани за тргување со електрична енергија, а повеќе од 10 за снабдување“, рече Анѓушев.

Со новиот Закон за енергетика предвидено е МЕПСО да биде основач на компанијата која покрај администрирањето со билатералниот пазар на електрична енергија и откупот и продажбата на енергија од производителите кои имаат повластена тарифа, ќе има овластување и да го организира, управува и поврзува пазарот на електрична енергија за тргување „ден однапред“ и во „рамки на денот“ во Македонија, притоа овозможувајќи фер и транспарентен пристап на сите учесници.
 

Содржината е прочитана 75 пати.