Инфо

Град Скопје основа ново претпријатие за енергетика

Новото акционерско друштво ќе врши снабдување со гас и со топлинска енергија на подрачјето на Градот, заради што ќе основа едно или повеќе трговски друштва. Скопјани веќе во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото претпријатие

среда, 30 мај 2018

Советот на Град Скопје денеска едногласно донесе одлука за основање ново акционерско друштво кое ќе се занимава со енергетски дејности. Друштвото ќе врши снабдување со гас и со топлинска енергија на подрачјето на Градот, како дејности од јавен интерес од локално значење.

Со цел брзо и ефикасно приклучување на системот на централно греење и започнување на процесот на гасификација на градот, граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото претпријатие за вршење на енергетски дејности.

Од Градот информираат дека Друштвото заради вршење на дејностите за снабдување со природен гас и топлинска енергија ќе основа едно или повеќе трговски друштва на начин и во форма потребна за вршењето на дејностите во согласност со Закон.

Со Друштвото ќе управува управен и надзорен одбор, додека работите од надлежност на Собранието на Друштвото, ќе ги врши Советот на Град Скопје, како единствен основач.

Управниот одбор се состои од 5 члена, кои ги именува Надзорниот одбор, со мандат во траење од 4 години со право на повторен избор. Надзорниот одбор се состои од 3 члена, кои ги именува и разрешува Советот на Град Скопје, со мандат во траење од 4 години, со право на повторен избор.

 

Содржината е прочитана 106 пати.