Култура

Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби во Македонија

Трибината за прв пат ја организираше Националната галерија на Македонија а е во рамки на проектот „Уметност за сите“ којшто е поддржан од Холандската амбасада во Македонија

вторник, 29 мај 2018

„Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби во Македонија“ е насловена трибината што за прв пат ја организираше Националната галерија на Македонија. Трибината е во рамки на проектот „Уметност за сите“ којшто е поддржан од Холандската амбасада во Македонија.

Во нашата земја досега многу малку се обрнуваше внимание на културолошките активности на лицата со посебни потреби, а уште помалку на тоа тие директно да бидат вклучени во создавањето уметност. На трибината се дискутираше околу тоа како македонското општество пристапува кон инволвирање на оваа категорија граѓани во културните збиднувања, а беше констатирано дека процесот мора системски да се решава со заедничка соработка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, невладиниот сектор, училиштата, родителите.

Меѓу говорниците беа Мила Царовска, министер за труд и социјална политика, Арбр Адеми, заменик министер за образование и наука, Дита Старова- Ќерими, директор на Национална галерија на Македонија, Синоличка Трпкова, професор на Факултетот за драмски уметности, Владимир Трајкпвски професор на Филозовскиот факултет, Денис Јанкуловски, од невладината организација „Аутизам МК“, Доменика Кардула, родител.

Директорката на Националната галерија на Македонија, Старова-Ќерими истакна дека оваа установа преку организирањето трибини и проекти посветени на ранливите катогории на деца, ја промовира културата на прифаќање и интеграција, а со тоа и создавање на вистински можности за нивен развој.

„Живееме во време со засилена економска и технолошка динамика кога старите парадигми на развојот се заменуваат со нови, односно во време кога во интеграциските процеси на глобализацијата како да се заборава или маргинализира грижата за човекот со посебни потреби, посебно во доменот на културолошките активности, а уште повеќе во неговото вклучување при создавањето уметнички творби. Оттаму, потребно е системски да се решава процесот со заедничка соработка и координација на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, невладиниот сектор, училиштата и родителите, при што ќе се овозможи поквалитетен живот од најраната возраст“, рече Старова-Ќерими.

Притоа таа потенцираше дека Национална галерија на Македонија во последниве години реализира пригодни и специјални проектии кои се однесуваат на подигнувањето на јавната свест за најранливите категории на деца преку организирање голем број ликовни работилници, инвентивно и функционално прилагодени на децата со посебни потреби во спрега со компетентните институции, но и со ангажманот на самите родители.

„Во оваа пригода би сакала посебно да истакнам дека Холандската амбасада, како и нејзиниот амбасадор лично, во нашиот ликовно-едукативен проект ’Уметност за сите’, наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование, којшто, всушност, претставува програмски проект на Националната галерија на Македонија, препознаа еден квалитетен проект од европско значење и го поддржаа со значителна финансиската донација, поради што ние и децата сме им неизмерно благодарни. Овој наш проект ќе биде реализиран во 4 циклуси, секој од нив ќе трае по три месеци сè до крајот на 2019 година, а негова крајна цел е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп“, рече Старова-Ќерими.
 

Содржината е прочитана 77 пати.