Инфо

Со земјоделски култури ОКТА ќе го чисти нафтениот талог од отпадот

Компанијата и Факултетот за земјоделски науки и храна спроведуваат иновативен проект, постапка на мешање на нафтениот талог со почва во која се одвива природниот процес на биоразградување и фиторемедијација, односно прочистување на еко системот со помош на растенија во затворени бетонски базени

вторник, 29 мај 2018

Со помош на земјоделски култури, ОКТА ќе го чисти нафтениот талог создаден како остаток при процесот на преработка на сурова нафта во изминатите 30 години. Компанијата и Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) спроведуваат иновативен проект, односно постапка на мешање на нафтениот талог со почва во која се одвива природниот процес на биоразградување и фиторемедијација, односно прочистување на еко системот со помош на растенија во затворени бетонски базени.

Како што беше речено денеска на презентацијата на фиторемедијацијата во ОКТА, освен што е сигурен и ефикасен, овој метод на чистење е и многу евтин. Низ него ќе треба да поминат 2.000 кубни метри нафтен талог, или површина од вкупно 1.200 квадрати.

„Ова е прв експериментален проект од ваков тип во земјава и во регионот. Користиме природен начин на справување со нафтениот талог со помош на микроорганизми и растенија, како биолошки третман, без употреба на хемикалии. Очекуваме дека успешната реализација на проектот ќе овозможи резултати што ќе бидат полезни и за други компании кои се соочуваат со слични проблеми. Наместо нафтен талог, сега имаме земјиште на кое се одгледуваат растителни култури. Веруваме дека со предлозите и исклучителната стручност на нашите вработени, како и со препораките на професорите од Факултетот за земјоделски науки и храна, дојдовме до иновативен пристап во менаџирање со талозите. Отидовме и чекор понапред преку изнаоѓање ефективно решение за заштита на животната средина“, рече Јанис Геруланос, главен извршен директор на ОКТА.

Веќе се поставени првите два опита на парцели од по 200 квадратни метри каде врз почва претходно измешана со нафтен талог во бетонски базени кои не пропуштаат вода, се засеани шест култури: минатата есен рж, јачмен и пченица, а пролетва пченка, маслодајна репка и сирак. Нивните коренови системи го вршат биоразградувањето. Првичните анализи покажале дека во нафтениот талог од овие два опита веќе нема метали.

„Фиторемедијацијата е мерка за деконтаминација на почвата. Евтина е, се применува на широк спектар контаминенти и го елиминира секундарното загадување. Опитот што го поставивме со ОКТА е почеток на истражувањето. Следуваат анализи и на растенијата и на почвата“, истакна Татјана Миткова, професор на ФЗНХ.

Зависно од резултатите, се размислува во натамошниот процес на прочистување да се додаде и микробиолошко ѓубриво. Не е исклучено, по фиторемедијацијата почвата да се користи за земјоделско производство, а културите „чистачи“ за производство на биогориво.

„Овој тип иновативен биолошки третман ќе можеме да го продаваме како македонски производ и искуство во регионот“, рече заменикот министер за животна средина, Јани Макрадули изразувајќи задоволство од соработкаѕа на науката и бизнис секторот
 

Содржината е прочитана 98 пати.