Бизнис вести

Работилница на НБРМ за финансиска технологија ФинТек

Еднодневната работилница што беше организирана со поддршка на Фондот за развој на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ) имаше за цел подетално запознавање на дел од стручните лица од Централната банка со оваа нова финансиска индустрија, како и анализирање колку е актуелно ова прашање во глобални рамки

вторник, 29 мај 2018

„Внимателно го следиме развојот на финансиската технологија ФинТек, проценувајќи ги придобивките и ризиците што ги носи и се обидуваме да го постигнеме оптималниот бенефит, имајќи го во предвид локалниот контекст“, рече гувернерот на Народна банка на Република Македонија (НБРМ) Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на работилницата за ФинТек во организација на НБРМ.

Еднодневната работилница за финансиска технологија што НБРМ ја организираше со поддршка на Фондот за развој на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ) имаше за цел подетално запознавање на дел од стручните лица од Централната банка со оваа нова финансиска индустрија, како и анализирање колку е актуелно ова прашање во глобални рамки и какви се досегашните искуства на земјите каде што има развиена ваква индустрија.

Како што истакна Ангеловска-Бежоска, иако во континентална Европа ФинТек-компаниите сочинуваат само мал дел од пазарите за банкарство, платежни услуги и управување со средства, сепак, тие се во пораст, брзо влегуваат на пазарите и се натпреваруваат со банките.

Според Индексот за прифаќање на ФинТек, една третина од потрошувачите користат најмалку две или повеќе ФинТек-услуги и стануваат сѐ повеќе свесни за ФинТек како дел од нивниот секојдневен живот. Тоа е сигнал дека и централните банки треба да се интересираат за случувањата што произлегуваат од развојот на оваа финансиска технологија и да го едуцираат својот кадар за да биде подготвен за новите предизвици на глобално ниво, бидејќи како што рече Ангеловска-Бежоска, брзиот пораст на ФинТек-организациите создаде многу дилеми, меѓу кои, клучна е кои се придобивките што ФинТек ги носи во општеството, од една страна и кои се ризиците што ги создава, од друга страна.
 

Содржината е прочитана 64 пати.