Инфо

Втор круг субвенции за велосипеди за жителите на Карпош

Советот на Општина Карпош одобри дополнителни 360.000 денари од буџетот за помош на граѓаните при купување нов велосипед при што Општината ќе субвенционира 20 проценти од вкупниот износ, но не повеќе од 3.000 денари

вторник, 29 мај 2018

Општината Карпош вчера почна втор круг за доделување субвенции за купување нов велосипед за своите жители. Откако беше констатирано дека има голем интерес за субвенции, советот на Карпош одобри дополнителни 360.000 денари од општинскиот буџет за оваа намена. Општината ќе субвенционира 20 проценти од вкупниот износ, или максимум 3.000 денари. Субвенциите ќе се доделуваат според принципот „прв дојден, прв услужен“ сѐ додека не се исцрпат предвидените средства.

Сите заинтересирани што сакаат да се пријават, потребно е да приложат копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и оригинална сметка за купениот велосипед. Важноста на сметките почнува со вчерашниот датум, 28.5.2018 година и ќе се земат предвид сите наредни со крајниот датум на завршувањето на акцијата, за што ќе информираат од Општината.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев вели дека со субвенционирање на купувањето новите велосипеди се стимулираат карпошани активно да користат велосипед, што ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот.
 

Содржината е прочитана 73 пати.