Бизнис вести

Германија и Македонија во 2017 година оствариле трговска размена од 3,15 милијарди евра

Во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал во кои се вработени над 20 илјади луѓе. Ова било потенцирано на средбата меѓу министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и германскиот амбасадор во Македонија,Томас Герберих

вторник, 29 мај 2018

Економско-трговските релации помеѓу Македонија и Германија, можностите за нивно натамошно унапредување и поголемо искористување на потенцијалите за инвестирање во нашава држава од страна на германски компании биле темите за разговарале министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих.

Од Кабинетот на Апостолска информираат дека на вчерашната средба во германската амбасада во Скопје заеднички било констатирано дека досегашната економска соработка меѓу двете држави е на високо ниво, за што освен одличната трговска соработка зборува и фактот дека во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал, во кои се вработени над 20 илјади луѓе. Германија и Македонија во 2017 година остварија трговска размена од 3,15 милијарди евра.

Амбасадорот Герберих потенцирал дека стабилизацијата на политичката клима, работата на реформскиот процес, особено обезбедувањето правна сигурност се значајни фактори за германските компании да инвестираат во Македонија. Тој, како што се наведува во соопштението очекува позитивниот тренд во економските релации помеѓу двете земји да продолжи и натаму.

Министерката Апостолска го информирала амбасадорот дека неодамна стапи во сила Законот за финансиска поддршка на инвестиции, што овозможува стимулирање и поддршка на странските и на домашните компании, на транспарентен и недискриминирачки начин да започнуваат нови инвестиции во земјава.

„Од страна на германскиот амбасадор и министерката заеднички беше оценето дека Германија е значaен политички сојузник на Македонија на патот на европските и евро-атланските интеграции и напредокот што го прави земјава во приближувањето кон ЕУ и НАТО“, се вели во соопштението.

 

Содржината е прочитана 43 пати.