Инфо

Преполовена откупната цена на струмичките домати и краставици

Намалената побарувачка на традиционалните пазари во други земји ја намали цената на доматите и краставиците кои од денсека се откупуваат по 20 до 25 денари за килограм, а пиперките по 40 денари килограм

вторник, 29 мај 2018

По неколку недели високи откупни цени, од денеска струмичките домати и краставици се откупуваат по преполовени цени во споредба со изминатите денови.

И градинарите и откупувачите го потрдуваат трендот на опаѓање на откупните цени. Според земјоделците, овие цени се далеку од тие што не им се исплатливи на производителите.

„Цените паднаа, но не многу и на некој начин се нормални за овој период. Доматите, кои изминатите денови се откупуваа и до 50 денари за килограм, од денеска се преземаат од трговците од 20 до 25 денари за килограм. Краставиците се откупуваат по цена од 20 до 25 денари, а пиперките по 40 денари за килограм“, изјави Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле.

Според него, причина за тоа е намалената побарувачка од пазарите каде досега се извезуваше, како што е Бугарија, Украина, Романија и сите поранешни југословенски републики, како и Чешка, Словачка и Полска.

И трговците потврдуваат дека има тренд на опаѓање на откупните цени на раноградинарските производи, особнно на доматите.

„Причината за намалувањето на откупните цени на нашите раноградинарски производи е што во земјите каде извезуваме се појави нивно производство. Таков е случајот со пазарите во Чешка, Словачка и Полска“, вели Ацо Стоилков, од компанијата „Мак смоларски ној“.

Според него, на намалените откупни цени влијае и континуираниот увоз на домати од Албанија. Тамошните домати имаат пониска производствена цена поради поблагата клима и албанското производство стасува неколку недели пред македонското.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 70 пати.