Инфо

Пругата од Битола до грчка граница ќе биде изградена до крајот на ноември годинава

Во моментов се работи на бетонски и на земјени работи. Се очекува поставувањето на пругата да биде во втората половина од јули, а да биде завршена до крајот на ноември

понеделник, 28 мај 2018

Пругата од Битола до грчка граница ќе биде изградена до крајот на ноември годинава, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денес во Битола. Доколку градежните работи не завршат комплетно оваа година, ќе се изгубат 6 милиони евра, обезбедени од ИПА фондовите.

„Станува збор за капитален проект за Пелагонискиот регион и за државата вреден 17,2 милиони евра од кои 6 милиони се од ИПА, а 11 милиони евра се од буџетот на Македонија. Мора да се испочитуваат роковите за да не дојде да ги враќаме парите и да ги даваме од буџетот, сигурен сум дека изведувачите ќе бидат на висина на задачата. Во моментов се работи на бетонски и земјени работи. Се очекува поставувањето на пругата да биде во втората половина од јули и да биде завршена до крајот на ноември“, рече Сугарески.

Пругата кон грчка граница треба Пелагонискиот регион да го поврзе со солунското пристаниште. Се очекува да го зајакне економскиот капацитет на регионот, а компаниите, вклучително и оние во индустриската зона „Жабени“ да добијат поевтин и побрз транспорт на стока до Солун.

„Пред два месеци имавме средба со министерот за транспорт на Грција и разговаравме за овој дел за железничкото поврзување меѓу Македонија и Грција. Од нивна страна направена е рехабилитација во тој дел и очекуваме дека со завршувањето на овој проект ќе направиме целосно поврзување“, рече Сугарески.
 

Содржината е прочитана 69 пати.