Интервјуа

Името на брендот, синоним за одговорност и самопожртвуваност

Интервју со д-р Горица Дачевска, генерален менаџер на „Д-Р Горица“ ПЗУ Специјалистичка дерматовенеролошка ординација, центар за кожа и естетска медицина и една од најуспешните жени менаџери за 207 година

недела, 27 мај 2018

МАРИЛИ: Госпоѓа Дачевска, колку знаење, стручност, професионализам и доверба од пациентите се потребни за да се стави личното име како име на бренд на компанија како што е случајот со Вашата ординација. Како се одлучивте да влезете во приватниот бизнис и кога се случи тоа?
ДАЧЕВСКА:
Мојата професија е таква што бара постојана надградба на знаењето. Потребно е постојано дополнително учење и доедуцирање. Нели, пред сè, е правилната дијагноза, непосреден однос со пациентот што веднаш бара одговор за својот проблем. Во медицината мора навреме да се постави дијагноза и да се дејствува со соодветна терапија. Идејата да почнам со свој бизнис, со своја ординација е од моментот кога се запишав на Mедицинскиот факултет, на некој начин тоа беше мој сон што се оствари. Растев во семејство во кое приватниот бизнис беше носител на материјалните добра. Во тоа време учев за сите позитивни и негативни страни во приватниот сектор, напорно ја изучував медицината, но се интересирав и за економијата. Бев свесна за квалитетите што ги поседувам, знаев што сакам, упорно работев на остварувањето на мојот сон. 

Поддршката од сопругот во моментите кога ми беа потребни охрабрување, дополнителна мотивација беше бесценета, тој ме поддржуваше, ме критикуваше кога треба и ме стимулираше да го остварам својот сон – да отворам сопствена ординација. Да ви кажам искрено, идејата за ПЗУ „Д-р Горица“ беше токму на мојот сопруг Глигор. Ми велеше дека треба да се промовирам, па и затоа би било убаво ординацијата да го носи моето име. Секако дека за тоа е потребно да понесеш голема одговорност, да си подготвен за самопожртвуваност. Етапно и со многу труд го создавав брендот и со ист елан и енергија како првиот ден, така и денес го градам постепено и сигурно.

 

МАРИЛИ: Наведете ги сите типови дерматолошки услуги и сите типови третмани на лице што може да се добијат во Вашата специјалистичка дерматолошка ординација.

ДАЧЕВСКА: Откако ја отворив ординацијата, сакав да бидам достапна за сите што имаат одредени дерматолошки проблеми, па затоа вложив многу труд за да склучам договор со Фондот за здравствено осигурување. Работам и со возрасни, со стари лица и, секако, со најмладите - дечињата и бебињата. Пациентите може да ги добијат сите дерматолошки услуги, како:
- Дерматолошки прегледи
- Дигитална дерматоскопија
- Доплер на крвни садови
- Склерозација
- Дерматохирургија
- Радиофреквенција
- ПРП
- Филери
-Ботокс
Мојата ординација, покрај дерматовенеролошките третмани, позната е и по третманите од естетска природа, а посебно ќе ги издвојам успешните третмани на анектичните лица, за кои се потребни посебен третман и лекување. Работиме и естетска козметологија со врвни естетски куќи, како што се Ginot, Doctor Babor, Etre belle. 

МАРИЛИ: Колку е важно да се има добар тим наспроти современата технологија и современите методи што, исто така, постојано се надградуваат и мора да се следат како тренд?
ДАЧЕВСКА
: За да успее и да работи една ординација секако дека е битна стручноста на докторот, но и на тимот со кој соработува. Може да се пофалам со одличен тим. Верни, педантни и секогаш подготвени за нови предизвици, така накратко ќе ги опишам прекрасните дами од ПЗУ „Д-р Горица“, мојата десна рака во ординацијата. Внимателно го избирав и го избирам тимот околу мене и среќна сум што се зголемува од година во година. Вложуваме во себе, во континуирана едукација, посетуваме саеми и работилници, внимателно ги следиме трендовите и постојано го надградуваме своето знаење. 

МАРИЛИ: Која е госпоѓа Горица Дачевска приватно, што Ви ги полни батериите и што Ви дава сила за да бидете комплетно успешна жена менаџер?
ДАЧЕВСКА:
Целиот свој успех му го должам на моето семејство. Знаат колку ми значат, колку ги сакам, но знаат и колку си ја сакам работата. На жена што е успешна во приватниот бизнис неопходни ѝ се поддршката и разбирањето од семејството. Моите тројца мускетари, сопругот Глигор и синовите Бојан и Никола секогаш се покрај мене, знаат да ја почитуваат и да дадат поткрепа на секоја моја идеја, имаат разбирање кога во недела, на празник или за викенд сум со пациенти на кои итно им е потребна мојата помош. Секако, покрај сите работни обврски наоѓам време за семејството бидејќи семејството е основна клетка во животот и без нив денес не би била тоа што сум.
 

Содржината е прочитана 215 пати.