Култура

Познатата турска писателка Ајфер Тунч доаѓа во Македонија

АјферТунч е добитничка на престижната награда „Балканика“ за 2003 година, а во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавен нејзиниот роман „Случајот на господин Азиз“, кој е едно од нејзините најпопуларни прозни остварувања

недела, 27 мај 2018

Познатата турска писателка АјферТунч, авторка на романот „Случајот на господин Азиз“, го потврди своето доаѓање во Скопје. Таа, заедно со други писатели од земјите од Балканот, ќе учествува на книжевната манифестација „Про-за Балкан“, што од 27 до 29 мај се одржува во Даут-Пашин амам и во книжарницата на „Икона“ во трговскиот центар „Сити мол“.

АјферТунч е добитничка на престижната награда „Балканика“ за 2003 година, а во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавен нејзиниот роман „Случајот на господин Азиз“, кој е едно од нејзините најпопуларни прозни остварувања. Романот е преведен на англиски, германски, француски, арапски, руски и голем број други јазици во светот.

АјферТунч е родена 1964 во Адапазари и дипломирала на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Истанбул. Во 1989 година ја добила првата награда „Јунус Нади“, на дневниот весник „Џумхуриет“ за расказот „Таинствена“. Автор е на голем број збирки раскази, родови социолошки истражувања и романи.


 

Содржината е прочитана 59 пати.