Бизнис вести

„Пиксел Груп“ ја отвори првата фабрика за производство на фотоволтаични соларни модули

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица. Фабриката ќе има капацитет за годишно производство од 20 мегавати монокристални и поликристални соларни модули

среда, 23 мај 2018

Компанијата „Пиксел Груп“ денеска ја отвори првата фабрика за производство на фотоволтаични соларни модули. Оваа засега единствена фабрика од ваков тип во Македонија и во регионот е лоцирана во кругот на поранепната фабрика „Раде Кончар“ во Скопје, се простира на површина од 1.500 квадратни метри и ќе има капацитет за годишно производство на 20 мегавати монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

„Ако во Македонија за последните 10 години се инсталирани 18 мегавати, ние во ’Пиксел’ сме во можност без проблем да произведеме 20 мегавати за една година. Доколку пазарот побара повеќе, со мала интервенција за максимум три месеци можеме да го удвоиме капацитетот на 40 мегавати годишно“, рече Горан Паунов, генерален директор на „Пиксел Груп“ и најави дека бројот на веќе ангажираните вработени ќе се зголемува зависно од потребите за воведување двосменско и трисменско работење.

Целта на оваа инвестиција е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Премиерот Зоран Заев истакна дека ваквите високо технолошки инвестиции отвораат работни позиции за млади висококвалификувани кадри.

„Во овие новоотворени производствени погони ќе се произведуваат фотоволтаични панели од кои понатаму ќе се произведува електрична енергија од сонцето. Особено е важен придонесот што оваа компанија ќе може да го даде и во трансферот на знаење и како креирање нова конкурентска предност на регионален европски, па и светски пазар“, рече Заев.

Директорот Паунов соопшти дека неколку домашни реномирани компании веќе направиле нарачка за првите македонски фотоволтаични панели, чин со кој се препознава важноста на домашните брендови за развој на економијата.

„Од овие фабрички хали ќе се произведува и првиот фототермален панел преку партнерската компанија ’Солар М’, која ќе го користи фотоволтаикот произведен во ’Пиксел Груп’ ќе го вградува најдобриот апсорвел што самата ќе го произведува и како финален продукт ќе го произведува фототермалот, прв производ од ваков вид во Македонија и на Балканот“, рече Паунов.

 

 

Содржината е прочитана 220 пати.