Инфо

Хаваи пред апокалипса, лавата од вулканот наближува кон термоцентрала

Локалните власти прогласиле црвен аларм и прават се што е во нивна можност да спречат вжештената маса да влезе во електраната во која се наоѓаат тони токсичен материјал во буриња

среда, 23 мај 2018

Веќе две недели трае борбата на населението на Хаваи со разбудениот вулкан Килауеа. Иако експертите предупредуваа дека вулканската активност ќе трае подолго, можеби и со месеци, сепак, никој не очекуваше дека состојбата толку ќе се драматизира.

Вулканот се уште е во фаза на ерупција. Минатата недела во експлозивна ерупција било исфрлено пепел до над 9.000 метри во воздухот. Лавата што истекува сега незапирливо се движи кон геотермалната електрана „Puna Geotermal Venture“. Локалните власти прогласиле црвен аларм и прават се што е во нивна можност да спречат вжештената маса да влезе во електраната во која се наоѓаат тони токсичен материјал во буриња. Борбата на работниците за спас на електраната, која снабдува околу 25 проценти од домаќинствата на Хаваите, траела цел ден и цела ноќ во обид да ја одвратат вжештената маса и да спречат катастрофа од невидени размери.

Експлозиите на вулканот се се посилни, а воздухот е се поотровен. Нивото на сулфур диоксид е зголемено за три пати. Дополнителна опасност за жителите на Големиот остров е тоа што лавата веќе стаса до океанот и нејзини делови истекуваат во водата испуштајќи притоа големи количества хлороводородна киселина и микроскопски честички стакло во воздухот.

Американската геолошка служба ги предупредила жителите да бидат внимателни, бидејќи вулканот би можел во секој момент повторно да еруптира со силни експлозии, исфрлајќи камења и други тврди предмети во околината.

„Во било кој момент активноста на вулканот може да стане уште поексплозивна и да дојде до зголемување на производството на пепел и на ’балистички проектили’ во близина на отворот на вулканот“, предупредиле геолозите.

Засега единствено што е добро во оваа апокалиптична состојба на Хаваите е тоа што нема човечки жртви. Евакуирани се повеќе од 2 000 лица, а уништени се десетици објекти, патишта и земјиште.

Инаку, најсмртоносната ерупција на вулканот на Хаваите се случила во далечната 1790 година, кога загинале стотици лица.

 

Содржината е прочитана 110 пати.