Инфо

Владата ќе го помогне рестарирањето на „Југохром“

Преку Македонската банка за поддршка на развојот Владата ќе направи напори да се обезбедат средства во форма на заем за комбинатот со кои ќе продолжи проектот за изградба на системот за отпрашување

среда, 23 мај 2018

Владата вети помош за да се забрза изградбата на филтрите на печките на „Југохорм“ со цел комбинатот што поскоро да биде рстартиран и одново да почне да работи. Средствата во форма на заем ќе ги обезбеди преку Македонската банка за поддршка на развојот.

„Владата преку механизмите кои и стојат на располагање, односно преку инструменти на Македонската банка за поддршка на развојот, во рамките на своите надлежности, ќе направи напори да се обезбедат средства во форма на заем за ’Југохром’ со кои ќе продолжи проектот за изградба на системот за отпрашување, комбинатот ќе се рестартира и работниците ќе започнат да работат и да земаат плата“, соопштија од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Со доизградба на системот за отпрашување комбинатот ќе ги исполни еколошките стандарди и ќе гарантира исполнување на барањата за добивање А интегрирана дозвола, ќе бидат активирани двете печки 7 и 8 и производството ќе продолжи.

Токму недостигот од финансиски средства беше причина за застој на изградбата на филтрите. Досега „Југохром“ инвестираше околу 800.000 евра, но за целосно имплементирање на системот за отпрашување потребни се вкупно 4,2 милиони евра. Сега се очекува тој проблем да биде надминат и веќе наесен комбинатот да почне одново да работи.

И од менаџментот на „Југохром“ се оптимисти дека од есен работниците ќе се вратат на работа. Со тоа конечно ќе заврши периодот на неработење во кој комбинатот трпи големи загуби.

„Владата ќе се залага во забрзување на процесот на изградба на филтрите, ’Југохром’ од крајот на октомври, почетокот на ноември ќе почне да работи со двете печки 7 и 8 каде ќе биде изграден системот. Загубите на комбинатот се де факто и де јуре, цената на феросилициумот е многу висока на светските берзи, а ние немаме производство. Сега, со оваа помош од Владата ќе успееме навреме да го завршиме процесот на изградба“, вели Васко Скендеровски управител на „Југохром Алшар“.
 

Содржината е прочитана 58 пати.