Бизнис вести

Анита Ангеловска Бежоска ја презеде функцијата гувернер на Народна банка на Македонија

Новиот прв човек на Централната банка вети дека како петти гувернер ќе продолжи таму каде застана Богов, по патеката на градење стабилна и независна монетарна политика

вторник, 22 мај 2018

Анита Ангеловска Бежоска и официјално ја презеде функцијата гувернер на Народна банка на Република Македонија. Кормилото и го предаде досегашниот прв човек на Централната банка, Димитар Богов, кој многу емотивно се прости од најблиските соработници.

За Богов најлош момент во неговата седумгодишна гувернерска кариера беше политичката криза во 2016 година и шпекулативниот напад врз домашната валута и банкарскиот сектор, но, како што рече, тоа беше и голем предизвик и голем тест, кој е поминат успешно. Како најдобар момент ја издвои соработката со вработените.

Новата гувернерка најпрвин му се заблагодари на претседателот Иванов за номинацијата, а потоа и на политичките партии кои го поддржаа нејзиниот избор. Вети дека како петти гувернер ќе продолжи таму каде застана Богов, по патеката на градење стабилна и независна монетарна политика.

„Пред мене стои предизвикот за продолжување со спроведување успешна и независна монетарна политика во насока на остварување на законски гарантираните цели на Централната банка, а тоа се ценовната стабилност, за која што сметаме дека е најдобриот придонес што може да го даде во општеството и тоа преку стратегијата на одржување на стабилен девизен курс на денарот, стабилност на банкарскиот систем, а преку тоа и на целокупата финансиска стабилност во економијата“, рече Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа претходно официјално во Собранието даде заклетва за новата функција.
 

Содржината е прочитана 168 пати.