Бизнис вести

Андреас Елснер на 1 јули годинава заминува од Македонски Телеком, можно е да си замине и Дојче Телеком

Неофицијално се зборува дека Македонскиот Телеком набрзо може да го смени доминантниот сопственик, односно, дека во моментот се водат интензивни преговори на местото на Дојче Телеком да влезе Турк Телеком или Виваком Бугарија

вторник, 22 мај 2018

Главниот извршен директор и член на Одборот на директори на Македонски Телеком, Андреас Елснер на 1 јули годинава заминува од компанијата, соопшти Македонски Телеком. Бордот на директори на компанијата на денешната седница ја прифати неговата оставка.

На позицијата главен извршен директор на Телеком, Елснер беше назначен во мај 2017 година, а заминува со успешни резултати во првото тромесечје од 2018 година и со раст од 2,6 отсто во однос на минатата година.
Елснер дојде во Македонија во 2014 година како одговорен на Секторот за управување со односи со корисници и корисничко искуство, а веќе во 2015 година стана главен оперативен директор за приватни корисници со клучна улога во развојот и спроведувањето на стратегијата за конвергентни решенија и услуги, којашто беше вистински предизвик на пазарот, се вели во соопштението на Телеком.

Инаку, неофцијално се зборува дека Македонскиот Телеком набрзо може да го смени доминантниот сопственик. ТВ 24 објави дека нивни извори потврдиле дека Дојче Телеком размислува да замине од Македонија, а во моментот се водат интензивни преговори на негово место да влезе Турк Телеком или Виваком Бугарија. Не се исклучува ни можноста компанијата со која ќе се договори, да го купи и уделот на државата, односно да стане 100 процентен сопственик на Македонски Телеком.

Во отсуство на официјална изјава од Владата, ТВ 24 информира дека неофицијално како причината за заминувањето на Дојче Телеком од Македонија се недоразбирањата меѓу менаџментот на компанијата со директорот кој е назначен од Владата, со оглед на тоа дека Андреас Елснер номиниран од Дојче Телеком и Горан Трајановски, генерален оперативен директор номиниран од Владата имаат врзани одлуки, што го отежнувало финкционирањето на компанијата. На Горан Трајановски договорт му истекува на крајот на идниот месец.

Се шпекулира и дека за привремен извршен директор може да биде назначен Никола Љушев, моментално прв човек на Телеком во Црна Гора.

Дојче Телеком во моментот поседува 51 отсто од акциите на Македонски Телеком, додека Владата има удел од 34,81 отсто.
 

Содржината е прочитана 232 пати.