Инфо

Највисока просечна плата во март исплатена во секторот компјутерско програмирање – 54.606 денари

Според Државниот завод за статистика најниската просечна плата била во секторот производство на кожа и слични производи од кожа - 14.129 денари, што е речиси четири пати пониска од највисоката

вторник, 22 мај 2018

Највисоката просечна плата во Македонија во март, во висина од 54.606 денари била исплатена во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, објави Државниот завод за статистика, според кој најниската просечна плата, пак, била во секторот производство на кожа и слични производи од кожа - 14.129 денари, што е речиси четири пати пониска од највисоката.

Статистичките податоци покажуваат дека втора највисока плата во Македонија е во секторот телекомуникации, каде вработените добиле во просек 48.404 денари, а нешто пониска плата им била исплатена на вработените во секторот финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови - 45.677 денари. Потоа следуваат секторите снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со исплатени 37.761 денар и секторот вадење на други руди и камен - 34.284 денари.

А, втората најниска просечна плата во март годинава била исплатена во секторот рибарство и аквакултура - 14.379 денари, по што следува секторот услуги поврзани со одржување згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата со просечна нето плата од 14.835 денари.

Податоците на ДЗС покажуваат дека во просек, во Македонија највисоки плати земаат во секторот воздухопловен транспорт каде бруто платата изнесува 84.452 денари. Потоа следуваат бруто платите во компјутерско програмирање, во висина од 81.128 денари, 64.397 денари е бруто платата во информации и комуникации, во финансиски дејности и дејности на осигурување – 63.617 денари, а 58.411 денари бруто плата добиваат вработените во останати стручни, научни и технички дејности.

Инаку, просечната месечна нето-плата во Македонија е најниска во Европа и во регионот и изнесува 376 евра. Нешто повисок просек имаат платите во Абанија – 378 евра, потоа во Србија - 442 евра, па БиХ - 440 евра, Црна Гора - 512 евра, Хрватска со 832 евра и Словенија со 1.077 евра. Во Бугарија просечната плата изнесува 457 евра, во Романија 535, во Унгарија 703 евра, а во Грција 917 евра, покажува најновото истражување спроведено од „Демостат“.

Според ова истражување во Велика Британија нето-платата е 1.990 евра, во Италија 1.758 евра, во Франција 2.157 евра, а во Германија 3.771 евро.
 

Содржината е прочитана 82 пати.