Инфо

Тавдовски: „Јавниот долг ставен под контрола“

На дебатата дискусија „Јавните финансии на крстопат“ што се одржа на Економскиот факултет министерот за финансии рече дека за прв пат по повеќе од 10 години се отплатени дел од старите долгови и дека е подобрена структурата преку зголемена рочност и пониски каматни стапки

понеделник, 21 мај 2018

За прв пат после повеќе од 10 години јавниот долг е ставен под контрола, отплатени се дел од старите долгови и подобрена е структурата преку зголемена рочност и пониски каматни стапки, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски на јавната дискусија „Јавните финансии на крстопат“ што се одржа на Економскиот факултет.

„Зголемена е и довербата на инвеститорите ако се земе во предвид дека е издадена еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто, како и државна обврзница со рочност 30 години. Зголемената доверба се гледа и од извештаите на кредитните агенции, како на пример ’Фич’, кој го подобри изгледот за рејтингот на земјата“, рече Тевдовски и потенцираше дека Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од 2 отсто на среден рок.

Тој најави реформи во јавните финансии до крајот на годинава и појасни дека годинава ќе се подготви законската регулатива за нов систем за јавни набавки, за повеќегодишно буџетирање и предпополнета даночна пријава за олеснување на обврските на даночните обврзници.

За зголемување на транспарентноста како една од најкрупните реформи што ќе се спроведе е објавување на Трезорот на веб-страна, што значи дека јавноста ќе има целосен увид во сите расходи на државната каса во реално време.

„Досега се преземени 15 чекори за зголемувањето на увидот на јавноста во јавните финансии. Тие чекори се однесуваат на објавување на извештаи кои досега не се објавувале, зголемување на фрекфенцијата на објавување на податоците, јавна дебата за буџетот, подобрување на веб-страницата на Министерството, јавно достапна платформа Отворени податоци на Бирото за јавни набавки, изработка на граѓански буџети и приклучување на Македонија кон меѓународниот стандард за владини статистики на ММФ“, рече Тевдовски и потенцираше дека е подобрена наплатата на даноци, и е значително зголемен повратот на ДДВ, што ќе придонесе за подобра ликвидност на фирмите и за нови инвестиции.

 

Содржината е прочитана 79 пати.