Бизнис вести

Анита Ангеловска Бежоска е новиот гувернер на Народна банка на Република Македонија

Собранието ја именуваше Ангеловска Бежоска со 81 глас ЗА, ниту еден против ни воздржан

понеделник, 21 мај 2018

Македонија ја доби првата гувернерка. Со 81 глас ЗА, ниту еден против ни воздржан, Собранието на Република Македонија ја именуваше Анита Ангеловска Бежоска за гувернер на Народната банка на Република Македонија.

Ангеловска Бежоска ќе го замени Димитар Богов кому денеска му истекува седумгодишниот мандат на чело на највисоката монетарна позиција во државата. Таа доаѓа на предлог на претседателот Ѓорге Иванов и е петтиот гувернер на НБРМ, а првата жена која ќе ја извршува оваа функција. Во изминатите осум години (во два мандати) беше вицегувернер во НБРМ задолжен за областите монетарна политика, истражување и статистика.

Анита Ангеловска Бежоска има импозантна биографија. Родена е на 5.11.1971 година во Гетеборг, Шведска. Мажена е и мајка на три деца.

Дипломирала во 1994 година на Економскиот факултет во Скопје како еден од тројцата најдобри студенти во генерацијата со просек 9,4, на насока маркетинг и надворешна трговија. Во 1997 година завршила постдипломски студии со просечен успех 9,3. Докторирала на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“.

Од 1996 до 2004 таа има богато работно искуство во Министерството за финансии на Република Македонија каде работела на повеќе позиции.Од 2004 до 2010 година била главен економист во НБРМ, а била ангажирана и во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

Познава четири јазици, од кои англиски одлично, а делумно руски, италијански и шведски јазик.


 

Содржината е прочитана 85 пати.