Култура

Националната галерија на Македонија ја доби наградата Музејски проект за 2017 за проектот „90 години од раѓањето на Петар Мазев“

Јубилејниот комплексен проект опфати изложба со ретроспективен карактер, правејќи пресек на неговото ликовно творештво и соодветно на тоа печатено јубилејно издание со текстови од наши еминентни ликовни критичари

понеделник, 21 мај 2018

Национална галерија на Македонија е добитник на наградата Музејски проект на годината за 2017, што по повод 18 Мај – Меѓународен ден на музеите ја додeли Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ). Наградата е доделена за проектот организиран во чест на 90 години од раѓањето на бардот на македонското современо сликарство, големиот Петар Мазев.

Од Националната галерија на Македонија информираат дека проектот покажа дека творештво на Мазев не е актуелно само за повозрасните, туку уште повеќе за новите генерации. Неговата клучна улога во оформувањето на новиот ликовен израз во македонската современа ликовна уметност и ослободувањето од дотогашните конвенционални начини на ликовно изразување ја поттикна оваа национална установа да организира јубилеј 90 години од неговото раѓање како комплексен проект кој опфати изложба со своевиден ретроспективен карактер, правејќи пресек на неговото ликовно творештво и соодветно на тоа печатено јубилејно издание со текстови од наши еминентни ликовни критичари.

Изложбата беше отворена на 2. ноември 2017 година во Даут пашин амам и траеше до 25. јануари 2018 година. На неа беа поставени 80-ина платна работени во различна техника масло на платно и масло на панел, комбинирана техника на платно и панел, дела кои прават своевиден пресек на неговото творештво, следејќи го неговиот развоен и творечки пат од самите почетоци во 50-те години од минатиот век па се до неговата смрт во 1993 година. Tоа беа, пред се, дела кои се малку или воопшто не и се познати на ликовната јавност и биле малку или вооопшто не биле изложувани. Изложбата предизвика голем интерес и имаше над 10.000 посетители во групи и поединечно.

Ексклузивното јубилејно издание „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ е на 240 страници, има 155 илустрации и текстови од наши еминентни ликовни критичари, биографија, библиографија и каталог на дела, како и превод на текстовите на англиски јазик. Отпечатени се 400 примероци.
 

Содржината е прочитана 38 пати.