Интервјуа

Инвестирањето во професионалниот развој на вработените е наш приоритет

Интервју со Александра Аргир, менаџер за човечки ресурси во Пивара Скопје

понеделник, 21 мај 2018

МАРИЛИ: Пивара Скопје произведува пијалаци за сите генерации потрошувачи и дел e од планетарно познатите Coca-Cola и HEINEKEN. Тоа, само по себе, значи голема предност над конкуренцијата, но истовремено претставува и огромна одговорност и обврска. Каков предизвик е да се биде дел од овие глобални системи?
АРГИР:
Kако дел од двете водечки глобални групации Coca-Cola HBC и HEINEKEN, Пивара Скопје има уникатна можност и привилегија секогаш да биде во тек со најновите светски трендови, стандарди и принципи на работа и да ги применува во сите области на своето дејствување. Секако дека тоа ни дава апсолутна предност и ни овозможува постојано да ја одржуваме и да ја јакнеме нашата конкурентност. Уште повеќе, пијалаците што ги произведуваме и им ги нудиме на консументите се веќе докажани локални и светски брендови со висок квалитет, произведени по највисоки стандарди. Но тоа, освен што дава додадена вредност, истовремено ја зголемува и нашата одговорност како кон инвеститорите, така и кон вработените, консументите и заедницата во целина. Ние постојано се стремиме кон повеќе и подобро. А кога велам ние, мислам на менаџментот и на вработените во Пивара Скопје што се посветени на континуираните подобрувања во сите области од работењето. Иновациите во делот на брендовите се од примарно значење за одржливоста и за континуираниот раст на нашата компанија и за унапредувањето на нашата конкурентност на пазарот. Но иновациите и постојаните подобрувања се наш фокус и внатре во компанијата. Секој вработен е посветен на усовршувањето на процесите, начинот на работа, пристапот кон потрошувачите, купувачите, меѓучовечките односи (вработен со вработен). Сакам да истакнам дека глобалните системи со своите стандарди, процеси и постојано усовршување на начините на работа ни помагаат успешно да го контролираме и да го одржиме највисокото ниво во нашето работење и да ги спроведеме сите иницијативи и иновации што на крајот ни носат успех. Сепак, сето ова не би било возможно без исклучителните залагања на вработените во Пивара Скопје. „Пиварци“, како што се нарекуваме ние во Пивара Скопје, се како едно големо семејство што ги живее вредностите на компанијата и континуирано работи во насока на остварување на нашата долгорочна стратегија. Токму затоа инвестирањето во развојот на вработените е еден од нашите највисоки приоритети. Вработените во Пивара Скопје секојдневно преку работата стекнуваат нови знаења и вештини, посетуваат обуки, работат на интернационални проекти иницирани од двете групации на кои им припаѓаме, работат на иновации, менторираат во Едукативниот центар на Пивара Скопје итн. Со тоа секој „пиварец“ дава свој личен придонес во успехот и во одржливата иднина на компанијата. 

МАРИЛИ: Неодамна компанијата ја презентираше првата Студија за социоекономското влијание на Пивара Скопје. Што покажува оваа Студија, какво е значењето на компанијата за домашната економија?
АРГИР
:Целта на Студијата ,,Социоекономско влијание на Пивара Скопје во Македонија“ е на транспарентен, независен и објективен начин да се прикаже вкупното влијание и значењето што Пивара Скопје го има врз развојот на домашната економија и просперитетот на општеството во целина. Студијата, која е изработена според научната методологија од реномирана меѓународна консултантска агенција, јасно ги квантифицира вредностите што Пивара Скопје ги има врз македонската економија, осврнувајќи се на неколку клучни параметри. Имено, со своето работење Пивара Скопје годишно создава 44,6 милиони евра бруто додадена вредност за македонската економија. Околу 6.000 лица во земјава целосно или делумно зависат од генерираниот личен доход во целиот синџир на создавање вредности на Пивара Скопје, која годишно обезбедува 13,7 милиони евра личен доход за своите вработени, како и за вработените во компаниите со кои соработува, што е еднакво на просечната месечна плата на 25.000 лица во земјава. Вкупниот годишен придонес на компанијата во буџетот на земјата надминува 21 милион евра, што претставува 12% од целокупниот данок од добивка во државата за 2016 година, а капиталните инвестиции во последните 10 години надминуваат 40 милиони евра.

МАРИЛИ: Велите дека Пивара Скопје годишно обезбедува 13,7 милиони евра личен доход (плати, придонеси и даноци на плати) за своите вработени и за вработените во компаниите што на некој начин се поврзани со Пивара. За колку директни работни места се обезбедуваат пари, поточно, колку вработени има Пивара Скопје?
АРГИР
:Токму така. Вкупниот годишен личен доход остварен во Македонија преку дејноста на Пивара Скопје изнесува 13,7 милиони евра. Тоа е импозантна бројка на која сите ние во Пивара Скопје сме исклучително горди, особено заради фактот дека овие средства обезбедуваат стабилност за вкупно 1.747 работни места во земјава. Конкретно, Пивара Скопје директно вработува 377 луѓе, со сите свои деловни операции нашата компанија индиректно обезбедува сигурност за 875 работни места во компаниите што се ангажирани во нашиот синџир на вредности, како набавувачи, подизведувачи или outsourcing компании. Исто така, како последица на дополнителниот импулс што го создава Пивара Скопје во домашната економија преку таканаречено индуцирано влијание се обезбедуваат уште вкупно 495 работни места. Со други зборови, секое работно место во Пивара Скопје придонесува за 3,6 дополнителни работни места во Македонија.

МАРИЛИ: Уште колку компании во Македонија обезбедуваат работа благодарејќи на соработката со Пивара Скопје?
АРГИР
:Во рамките на целокупниот синџир на вредности Пивара Скопје има договори со над 1.000 домашни набавувачи на најразлични добра и услуги, а обезбедуваме работа и за повеќе од 13.000 клиенти и соработници, со што нашето влијание е распространето во дури 21 сектор од домашната економија, меѓу кои и оние од витално значење, како што се: земјоделството, секторите за стручни, научни и технички услуги, трговијата на големо и мало, угостителството и туризмот и други. На ваков начин вкупно близу 6.000 работни места во споменатите сектори од домашната економија целосно или делумно зависат од деловните операции и остварените приходи на Пивара Скопје, што секако е уште еден респектабилен показател за нашето социоекономско влијание.

МАРИЛИ:Пивара Скопје е општествено одговорна компанија, што покажува дека компанијата не ги ограничува своето влијание и интерес само на економските придобивки. Каков ефект има ваквиот имиџ на компанијата врз вработените?
АРГИР:
Вработените на Пивара Скопје се нашиот највреден капитал. Пивара Скопје е горда на своите вработени, а „Пиварци“ се горди на својата компанија. Свесни сме дека имиџот на една компанија во голем дел се гради и се одржува токму од нејзините вработени, преку нивната посветеност, лојалност, трудољубивост, упорност, хуманост, како и подготвеноста да ги споделат своите знаења и да посветат време во општествено одговорно дејствување, како суштински сегмент од компаниската култура. Менаџментот на компанијата е свесен дека вакво дејствување може да се очекува само од задоволни вработени и затоа секоја година компанијата спроведува анкета за задоволството на вработените, каде што еден од главните индикатори е подготвеноста на секој вработен да биде еден вид амбасадор на компаниските вредности во општеството. Со задоволство можам да кажам дека од година во година овој индикатор бележи континуиран раст. Оваа анкета покажува дека над 99% од нашите вработени се горди што се дел од Пивара Скопје, што јасно го покажува високиот степен на задоволство и чувство на припадност.
Но гордоста на вработените и нивната припадност кон компанијата не се мерат само со анкета. Вработените го покажуваат тоа и на дело преку личната инволвираност и волонтерскиот ангажман во многуте општествено одговорни иницијативи на Пивара Скопје, како што се едукацијата на децата на темите поврзани со здравјето и безбедноста во училишните средини, а која се спроведува веќе четири години низ земјата, како и учеството во обуките и едукацијата на младите преку менторство во рамките на Едукативниот центар на Пивара Скопје што во континуитет трае повеќе од 20 години. Нашите вработени активно учествуваат и во голем број акции за собирање амбалажен отпад од јавните површини, како и во обезбедувањето солидарна помош при катастрофи, како што беше примерот со поплавите во Скопје во 2016 година кога нашите вработени поминаа над 200 волонтерски часови во олеснување на последиците кај жителите од поплавените подрачја.

МАРИЛИ:Најголемата инвестиција на Пивара Скопје се самите вработени, а успехот на компанијата е успех на сите вработени. Врз што се заснова моделот на човечки ресурси во компанијата, дали е во прашање тимската работа, вербата во луѓето или нешто трето? На што сте фокусирани, како ги мотивирате вработените?
АРГИР:
Со голема сигурност можам да кажам дека Пивара Скопје е тоа што е првенствено благодарејќи на нејзините вработени, на сите нас. Оттаму, ние со гордост велиме дека најголемата инвестиција на Пивара Скопје се вработените. За да го валоризираме тоа, ние во Пивара Скопје развивме функционален модел на менаџмент на човечки ресурси што се темели на три столба: (1) задоволство на вработените, (2) развој и управување со таленти и (3) развој на компетенциите и на лидерските способности, на кои ги надградуваме нашите стандарди во оваа значајна област. Дополнително, во центарот на нашето дејствување и однесување ги имаме и вредностите на Пивара Скопје што се јасно дефинирани, а се засноваат врз однесувања што отсликуваат автентичност, дејствување како еден тим, грижа еден за друг, извонредност во сѐ што правиме, учење и грижа за нашите купувачи.
Стратегијата за развој на човечките ресурси на Пивара Скопје е во корелација со стратегиските цели на компанијата што се однесуваат на развој на брендовите, продажбата, производството, како и на развојот на човечките ресурси во насока на создавање инспириран, мотивиран и посветен кадар. Сите овие фактори заеднички придонесуваат за остварување и унапредување на резултатите на компанијата од година во година, задоволување на потребите на купувачите, потребите на акционерите, на пазарот и, се разбира, на консументите.
За да го следи остварувањето на своите стратегиски цели, во делот на управувањето со човечките ресурси Пивара Скопје ја користи целокупната база на знаење и искуства на системите за менаџмент на перформанса на вработените (Performance Management) и развој на вработените што се спроведуваат во двете глобални групации Coca-Cola HBC и HENEKEN, каде што припаѓаме. Овие системи ни овозможуваат да воспоставиме јасни и конкретни цели за реализација на секој од вработените, конзистентност во процената на перформансите на вработените и нивниот потенцијал, механизми за процена и развој на талентите на компанијата, како и програми за професионален развој на индивидуално ниво.
Ваквиот пристап ни овозможува идентификација на талентите и на потенцијалните наследници на менаџерски позиции за кои понатаму одредуваме какви програми за усовршување ќе бидат спроведени, колку време ќе биде потребно да ги развиеме вработените до степен да можеме да кажеме дека целосно се подготвени да ги преземат дополнителните одговорности и предизвици на новите работни позиции. За таа цел изработуваме индивидуални планови за развој што подразбираат комбинација од обуки во училница, обуки на работното место, обуки преку работа на одредени проекти и слично. Брзината на напредување во најголема мера зависи од вработениот, колку тој лично и со која брзина успева да го надгради своето знаење, искуството и вештините, колку брзо може да се вклопи во новите начини на работа, да се приспособи на поинаков вид комуникација, соработка и слично.
Во рамките на ваквиот систем за менаџмент на перформанси и развој на вработените се спроведува и системот за награди со кој се запознаени сите вработени во компанијата што се вклучени во овој процес уште при поставувањето на годишните цели за работа. Иако системот за наградување во основа се темели врз остварените резултати, сепак, нашата практика покажува дека мотивацијата на вработените не е поврзана исклучително со парични награди. Искуството покажува дека мотивацијата на вработените многу зависи од начинот како се насочуваат вработените, од видот на поддршката и обуките што им се обезбедуваат за полесно извршување на поставените цели, од можностите за професионален напредок и слично. Со други зборови, многу важен сегмент во мотивацијата на вработените е токму лидерството. Дополнително, ние постојано се трудиме да воведуваме нови алатки за мотивација на вработените. Таков е проектот „Вработен на годината“ што го номинираат самите вработени, во циклуси од месечни и од квартални номинации на вработени за кои веруваат дека ги живеат вредностите на Пивара Скопје и придонесуваат во подобрувањето на перформансите на компанијата. Во овој дел се и наградите за најдобри иновации и подобрувања, наградите по завршен проект и низа други алатки.

МАРИЛИ:Вие сте менаџер за човечки ресурси во Пивара Скопје. Тешко ли е да се биде жена менаџер што раководи со така значаен ресор во една ваква голема компанија? Со какви предизвици се соочувате секојдневно?
АРГИР:
Менаџментот на човечки ресурси е област што е моја животна определба и професија што ја работам со многу желба, енергија, посветеност и емоции и во која го давам својот максимум. Љубовта кон оваа професија е супстанца што прави да се чувствувам исполнето, среќно и успешно. Денес брзината на живеењето е тоа што е предизвик, без разлика дали му припаѓате на женскиот или на машкиот пол. Не е тешко да се биде жена менаџер ако сте личност што е вредна за почит, која поседува вредности што ѝ овозможуваат полесно да се справува со предизвиците на секојдневието и која знае да се мотивира себеси и другите. Стремежот кон континуирано подобрување и сопствено учење е нешто што мене ми помогнало да одам напред и да ги минувам сите скалила до целта во животот. Грижата за луѓето е екстремно важна во менаџирањето. Тоа е нешто во што најмногу се вложувам секојдневно, покрај континуираното учење во кое длабоко верувам. Вработените на Пивара Скопје и, секако, тимот што го раководам се мојот фокус и моја голема гордост. Работата со луѓе бара голема посветеност, желба да се помогне, почит, треба навистина да ги сакате луѓето за да можете да постигнете цел. Секојдневно се соочуваме со многу иницијативи, работни задачи и сл., а најголем предизвик е тие да се реализираат на најдобар можен начин, преку добра соработка и комуникација, разбирање, почит и поддршка.

МАРИЛИ: Колку е важно за една жена менаџер да ги балансира своите приватни обврски со професионалните? Како успевате во тоа и од каде ја црпете енергијата? Што Ве исполнува приватно? 
АРГИР:
Најголем предизвик секогаш е борбата меѓу она професионалното што го сакате за себе и семејството. Но тајната е да се најде баланс меѓу овие две нешта. Секојдневните успеси во голем дел зависат од способноста да создавате нови вредности за себе, за семејството и средината во која работиме. Лично сакам предизвици и не бегам од промени. Она што ме движи и ме одржува е моето семејство. Без поддршката што неизмерно ја добивам од моето семејство, мислам дека би бил невозможен и мојот професионален развој. Енергијата најмногу ја црпам од успешно завршената работа, како и од часовите поминати со семејството и блиските пријатели. Ја сакам книгата и се обидувам да најдам време да ѝ се посветам. Тука не би ја изоставила и дружбата, излегувањата со пријателите и со колегите. На работа се трудиме понекогаш да го завршиме денот порано и да одиме на „пивце“, но само под еден услов: одговорно консумирање. Енергијата ја обновувам на одмор, особено кога одам на скијање со семејството и со пријателите. Уживам да подготвам вечера или ручек за пријателите, да поминам време со нив, да споделиме некоја добра шега, да муабетиме и да наздравиме за успесите во животот.

МАРИЛИ: Што Ве води напред како менаџер и што има во портфолиото на Пивара Скопје за иднината на компанијата?
АРГИР
: Сакам резултати, сакам нови работи преку кои учам постојано, сакам да гледам среќни и насмеани луѓе, сакам да можам долгорочно да ја планирам иднината. Ме исполнува кога гледам дека и колегите околу мене постигнуваат успеси и кога тоа ги прави среќни. Ми значат добрите меѓучовечки односи и вредности што се живеат и се покажуваат на дело. Тоа се главни движечки сили што ме туркаат напред, а истовремено верувам дека голем дел од нив ги споделувам и со луѓето со кои сум опкружена во мојата компанија. Што се однесува до иднината на Пивара Скопје, сигурна сум дека таа ќе продолжи со својот континуиран раст и одржлив развој што се темели врз обемни вложувања во сите сегменти, голема посветеност и залагања на вработените, постојано одржување на високиот квалитет и иновации во нашето портфолио што го сочинуваат најпознатите и најомилените интернационални брендови безалкохолни пијалаци и пива и, секако, негувањето и поддршката на трајните вредности на заедницата на која ѝ припаѓаме.
 

Содржината е прочитана 301 пати.