Инфо

Објавена публикацијата „Паметно управување со парите – водич за личните финансии“ на НБРМ

Водичот е наменет за пошироката јавност, со цел на едноставен начин да ѝ ги доближи основните концепти и поими од областа на управувањето со личните финансии

петок, 18 мај 2018

Народната банка на Република Македонија ја информира јавноста дека ја објави публикацијата „Паметно управување со парите – водич за личните финансии“.

Овој водич е наменет за пошироката јавност, со цел на едноставен начин да ѝ ги доближи основните концепти и поими од областа на управувањето со личните финансии. При неговата подготовка се настојуваше тој да биде разбирлив и за помладите генерации и за лицата коишто немаат формално економско образование, за да може преку него населението да се информира како е најсоодветно да се управува со финансиските средства за да се постигнат посакуваните цели.

Поконкретно, во водичот е дадено објаснување за тоа како може мудро да се управува со парите, како да се подготват финансиските планови и да се следи нивното остварување, како да се биде претпазлив и да не се влегува во финансиска презадолженост, како внимателно да се користат средствата земени со кредит и кредитните картички и редовно да се отплаќаат обврските итн.

Истовремено, во водичот е објаснета и улогата на банкарските производи и услуги, финансиските инвестиции, осигурувањето и пензионирањето. Опфатени се и основните финансиски инвестиции, а дадено е и објаснување за разликите меѓу банкарските депозити и вложувањата во хартии од вредност итн.

Народната банка ја подготви публикацијата во соработка со институциите коишто учествуваат во Координациското тело за финансиска едукација во Македонија: Министерството за финансии на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, како и во соработка со Сојузот на микрофинансиски институции.

Се очекува дека овој водич ќе придонесе за поголема едуцираност на поединците и домаќинската во Република Македонија за управувањето со личните финансии. Народната банка и натаму ќе извршува активности коишто придонесуваат за подигнување на нивото на финансиска писменост на населението.

 

Содржината е прочитана 76 пати.