Бизнис вести

Вината на „Тиквеш“ освоија 15 награди во Лондон

На 35. меѓународен вински натпревар – International Wine Challenge (IWC), што се одржа во Лондон, во конкуренција од неколку илјади вина од 55 земји и светски познати вински региони, сребрени медали добија „Бела Вода (бело) 2017“ и „Темјаника класик 2017“, а 11 други вина на „Тиквеш“ освоија бронзени медали

четврток, 17 мај 2018

Винарската визба „Тиквеш“ го повтори одличниот успех од минатите години, освојувајќи нови 15 награди за своите врвни вина на годинашниот меѓународен вински натпревар – International Wine Challenge (IWC), кој годинава по 35-ти пат се одржа во Лондон, В. Британија.

На годинешниот натпревар, на кој традиционално за награди конкурираат и по неколку илјади вина од 55 земји и светски познати вински региони, сребрени медали добија вината „Бела Вода (бело) 2017“ и „Темјаника класик 2017“.

Истовремено, бронзени медали освоија 11 вина на „Тиквеш“. Меѓу добитниците се четири црвени вина и тоа: „Барово“ од бербата 2015, „Александрија куве“ и вината „Вранец“ и „Плавец“ од серијата „Special Selection“ од бербата 2016, како и „Каберне Франк Special Selection“ од бербата 2017. Бронзен медал му е доделен и на розе виното „Александрија“ од берба 2016-та, како и на белото вино „Виоње Special Selection 2017“. Наградени се и четири вина на „Тиквеш“ кои се посебни купажи достапни само на британскиот пазар. На вината „Совињон Бланк Special Selection“ од бербата 2017 и „Т’га за југ“ од бербата 2016, жирито на натпреварот им доделели специјално признание и препорака.

Со 15 наградени вина на еден од најмасовните и најугледните светски вински натпревари „Тиквеш“ го потврди реномето на најтрофејна винарница од овој дел на светот и обезбеди уште еден доказ за квалитетот на вината од нашето поднебје.
 

Содржината е прочитана 46 пати.