Инфо

Манчевски: Заклучоците од Дигиталниот самит во Скопје се дел од агендата на ЕУ

Европските иницијативи за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра

четврток, 17 мај 2018

Заклучоците од првиот Дигитален самит, што само пред еден месец се одржа во Скопје, веќе се дел од агендата на Европската унија во контекст на поддршка и унапредување на дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, информира министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

„Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, од самитот на ЕУ и Западен Балкан информира дека иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во фокусот на овие мерки е намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-влада, како и дигитализација на индустријата. Ова е силна потврда дека активностите што изминатиот период ги презеде Министерството за информатичко општество и администрација и Владата, во правец на целосна дигитализација на Македонија, наидуваат на поддршка од ЕУ“, вели Манчевски.

Тој додава дека по повод 17 Мај, Меѓународниот ден на телекомуникации и информатичко општество, Министерството уште еднаш се обврзува на реализација на сите најавени активности во областа на информатичкото општество.

„Во наредниот период ќе ги објавиме националните стратегии за широкопојасен интернет и за сајбер-безбедност, а до крајот на годината ќе ја објавиме и долгорошната стратегија за ИКТ. Во август МИОА ќе ги пушти во употреба националниот портал за е-услуги и новиот портал за отворени податоци. Тоа што е од особена важност за сите граѓани е дека, конечно, услугите ги носиме до нивните домови. Најчесто бараните документи граѓаните ќе може да ги добијат по електронски пат, брзо, едноставно и евтино“, вели Манчевски.

 

Содржината е прочитана 69 пати.